Иван Чупиќ/ RK Vardar 1961

Чупиќ: Од денеска почнува маратонот, целта е двојна круна во Македонија и што е можно подобар настап во ЛШ

Ракометарите на Вардар денеска официјално ги започнаа подготовките за новата сезона, а на првата прозивка тренерот Иван Чупиќ ги истакна амбициите на тимот во домашните и европските натпреварувања.

Хрватскиот стратег порача дека приоритет за „црвено-црните“ ќе биде враќањето на двојната круна во Македонија, но и успешен настап во Лигата на шампионите, каде што целта е пласман во нокаут-фазата.

„Нашите цели се освојување на двојната круна во Македонија. Од денеска почнува маратонот, очекуваме да биде потешко од минатата сезона. Исто така, наша цел во Лигата на шампиони е да ја поминеме групната фаза и да се пласираме во следната рунда, противниците се силни, но сакаме да си поставиме високи цели. Тоа е нешто за што нашите навивачи доаѓаат во сала и имаме силна енергија. Имаме нови ракометари, кои треба да се прилагодат на нашата лига, но и на Лигата на шампиони. Мислам дека оваа сезона можеме да постигнеме добри резултати, но мора да одиме чекор по чекор.

Вардар има 20 играчи и тоа е сосема доволно за тоа што нè очекува следната сезона, составот е избран од мене, спортскиот директор и претседателот. Имаме амбициозни ракометари кои сакаат да играат за Вардар и да станат врвни играчи“, изјави Чупиќ.

Тренерот на Вардар смета дека трката за шампионската титула оваа сезона ќе биде поизедначена, бидејќи и останатите претенденти значително ги засилиле своите состави.

„Сите во македонската лига се засилуваат, тоа е нормално. Пелистер, Охрид, Алкалоид сите имаат подобри тимови, сметам дека сите имаат по 25 отсто шанси да ја освојат титулата и ние така ќе се однесуваме“, додаде стратегот на вардарци.

Со стартот на подготовките, Вардар го отвори новиот натпреварувачки циклус, во кој покрај борбата за домашните трофеи, ќе се обиде повторно да остави силен впечаток и на европската сцена.

РФМ го промени форматот за Суперлигата, а за Првата лига донесе одлука да нема странци

Кузмановски: Доаѓањето на Червар е дополнителен мотив, верувам во подобра сезона

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот