Од Бронкс до Менхетн — Њујорк отвора продавници за храна со 30 проценти пониски цени
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, објави дека продавниците за храна во градот, кои неговата администрација планира да ги отвори во сите пет општини, ќе нудат основни прехранбени производи по цени 30 проценти пониски од нормалните малопродажни цени, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Тоа е еден од најпрепознатливите предлози од пошироката платформа на Мамдани за прифатливоста на животот во еден од најскапите американски градови.
Првата таква продавница треба да се отвори кон крајот на 2027 година во Бронкс, а сите пет до крајот на неговиот четиригодишен мандат.
„Триесет проценти попуст за жителите на Њујорк значи вистински пари“, рече Мамдани на прес-конференција во магацин во Бруклин, стоејќи пред тезга за овошје и зеленчук.
Попустот би се однесувал на основни прехранбени производи како што се овошје, зеленчук, месо, морски плодови, млечни производи, ладна храна и производи за долготрајна употреба во кујната. Цените би се одредувале еднаш месечно и би важеле за сите клиенти, без оглед на приходот.
„Во најбогатиот град, во најбогатата земја во историјата на светот, ниеден жител на Њујорк не треба да се грижи дали може да го прехрани своето семејство“, додаде тој.
Њујорк ќе ги обезбеди просториите и ќе ги покрие даноците за кирија и имот, додека приватните оператори треба да ги управуваат продавниците. Мамдани претходно го презентираше предлогот како експеримент за помош на работничката класа и за намалување на притисокот од зголемувањето на цените на храната.
Локациите на продавниците во Бронкс и Менхетен веќе се избрани. Сè уште не е познато каде ќе се наоѓаат продавниците во Бруклин, Квинс и Стејтен Ајленд.
Планот предизвика критики од некои мали трговци и сопственици на њујоршки бодега, карактеристични продавници во соседството, кои се плашат дека нема да можат да се натпреваруваат со продавниците што имаат градска поддршка.
Мамдани рече дека градските продавници нема да продаваат топла храна, пиво или цигари за да не преземат дел од најпрофитабилниот бизнис на приватни продавници.
Критичарите претходно го исмеваа предлогот како прв чекор кон „комунистички редици за леб“, но Мамдани тврди дека целта е едноставна: да се намали цената на основните прехранбени производи за жителите на градот.


