Горан Ѓорѓевски / Фото: ССК

Претходното раководство е виновно за незаконското работење на ССК, вели претседателот Ѓорѓиевски

Претседателот на Сојузот за стопански комори Горан Ѓорѓиевски го обвини претходното раководство за незаконското работење и за нарушувањето на угледот на Сојузот. Тој соопшти дека ќе ја почитуваат одуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата со која Сојузот е парично казнет, заедно со уште четири ланци на маркети поради картелско здружување. Тие се согласиле заеднички да ги одбиваат новите или зголемените ценовници што ги доставувале нивните добавувачи, што претставува директно нарушување на принципите на слободна конкуренција.

Ѓорѓиевски вели дека казната е резултат на дејствија кои се случувале во февруари годинава во кои, како што додава, Сојузот бил вовлечен од страна на претходното раководство кое не ги почитувало структурите и работело спротивно на статутот на Сојузот.

„Ова се плодовите на работењето од претходното раковотство во Сојузот на стопански комори на Македонија кои се потврдуваат со паричната казна добиена од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и нарушување на угледот на ССКМ, и една од големот број на причини за кои е разрешено едногласно предходното раководство на вонредното собрание во јули 2025 година. Како нов преседател на Сојузот на стопански комори на Македонија ќе ја почитуваме одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата и изречената финансиска казна и во оваа прилика би истакнал дека единствено слободниот пазар е основниот параметар според кој сe формираат цените“, изјави претседателот на Сојузот, Горан Ѓорѓиевски.

Тој додава дека Сојузот на стопански комори е организација која повеќе од две децении работи во интерес на компаниите, стопанството и економскиот развој, почитувајки ги законските рамки и принципите на професионалност, транспарентност и независност.

„Нашата улога отсекогаш е да обезбедиме поддршка, информираност и размена на добри практики без какво било влијание врз деловните одлуки на компаните или нивните пазарни политики“, вели Ѓорѓиевски.

Антимонополската комисија одлуката за казнување на ССК и четирите компании ја носи по цели девет месеци откако првично објави дека тие картелски работеле спротивно на слободната конкуренција.

Секој од четирите големи ланци маркети – „Веро“, „Тинекс“, „КАМ“ и „Рептил“, добил казна во износ од 3 милиони денари (околу 50.000 евра), додека Сојузот на стопанските комори, кој имал улога на координатор во процесот, ќе треба да плати 1,14 милиони денари (околу 18.000 евра).

Четири големи ланци маркети се договарале за цените, утврдила Антимонополската комисија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот