Четирите ланци маркети и ССК, кои се здружија во картел, конечно се казнети – ќе платат од 18.000 до 50.000 евра
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) изрече прекршочни казни за четири компании што се занимаваат со малопродажба на храна, како и за Сојузот на стопански комори, поради утврдено учество во забранет договор и усогласено делување на пазарот.
Препорачано
Антимонополската комисија одлуката ја носи по цели девет месеци откако првично објави дека четирите компании, со посредство на ССК, се согласиле заеднички да ги одбиваат новите или зголемените ценовници што ги доставувале нивните добавувачи, што претставува директно нарушување на принципите на слободна конкуренција.
Ова се случуваше во февруари годинава, во време на големи поскапувања на храната и владини мерки за ограничување на цените. Иако се зборуваше за многу повисоки казни, сега се изречени суми кои се „ситница“ за некои од најголемите трговски компании во Македонија.
Секој од четирите големи ланци маркети – „Веро“, „Тинекс“, „КАМ“ и „Рептил“, добил казна во износ од 3 милиони денари (околу 50.000 евра), додека Сојузот на стопанските комори, кој имал улога на координатор во процесот, ќе треба да плати 1,14 милиони денари (околу 18.000 евра).
Од КЗК објаснуваат дека на состанокот од 5 февруари 2025 година учесниците донеле заедничка одлука да не ги прифаќаат новите ценовни листи од производителите и дистрибутерите. На тој начин, како што наведуваат, наместо секој трговец независно да ја утврдува својата политика, била воспоставена практична координација, што претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата — форма на повреда која е забранета сама по себе, без потреба од дополнително докажување на последиците врз пазарот.
Комисијата потсетува дека ваквите договори сериозно ја загрозуваат конкуренцијата и нанесуваат штета на потрошувачите, кои на крај се соочуваат со ограничен избор и потенцијално повисоки цени.
Четири големи ланци маркети се договарале за цените, утврдила Антимонополската комисија


