Предадена во употреба нова училишна сала во Струмица

Премиерот Зоран Заев заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски попладнево ја предадоа во употреба новата спортска сала во ООУ „Никола Вапцаров”.

Во обраќањето Заев истакна дека за неполни девет месеци во услови на пандемија со ковид-19 е завршена изградбата на спортската сала во училиштето која учениците, наставниците и родителите ја чекале со децении.

– Поминаа времињата кога наставата по физичко се одржуваше во училниците или на отворено кога тоа го дозволуваа условите. Новата сала со површина од 1.300 метри квадратни е комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини, еден современ простор за изведување на настава по физичко, за правилен развој на децата и за поттикнување на спортски интереси, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.

Додаде дека спортската сала во ООУ „Никола Вапцаров” е енергетски ефикасна и наскоро ќе биде приклучена на градската гасоводна мрежа заради ставање во функција на топловодната инсталација како уште еден подобар услов за изведување на наставните и спортските активности.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека Владата и ресорното министерство се насочени да работат на подобрување на квалитетот во основното образование.

– Изградбата на спортски сали и континуираната реконструкција и доградба на училишта е навистина подготвено МОН да гради со план и знаете дека мината година имавме повик за инфраструктурно вложување во училиштата и секако спортските сали и на тој начин продолжуваме и оваа година да градиме со план согласно потребите на општините со цел да го подобриме основното образование во нашата држава, подвлече Царовска.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски истакна дека Општината со поддршка од Владата се грижи за своите граѓани и за најмладите.

– Нека ни е за многу години новата спортска сала и се надевам, но и посакувам токму тука да се појават нови спортски таленти како фудбалерот Горан Пандев, кошаркарот Владо Илиевски, одбојкарите браќата Георгиеви, атлетичар и олимпиец Ване Стојанов и многу, многу нови спортисти кои потекнуваат од нашата Струмица и ќе ја промовираат општината низ целиот свет, рече Јаневски.

Инвеститор на спортската сала е министерството за образование и наука со средства во износ од 40 милиони денари во рамки на својот проект поддржан од Советот на Европа и со дел финансиски средства од Банката за развој при Советот на Европа. Општина Струмица учествуваше со финансиски средства за расчистување и подготовка на локацијата, обезбедување на постојните приклучоци на водоводна и канализациона и електродистрибутивна мрежа и е задолжена за приклучок на гасоводната мрежа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот