Фото: pexels-olly

Овие седум лекови не треба да ги пиете со утринското кафе

Кафето е дел од секојдневната рутина на многу луѓе. Ви дава наплив на енергија што ви е потребен за да го започнете денот, а има и потенцијални здравствени придобивки. Една можен недостиг на утринското кафе е тоа што не се согласува добро со одредени лекови, особено ако ги земате порано во текот на денот, пишува „Да се јаде добро“ (Eating well).

Постојат неколку начини на кои кафето може да влијае на некои лекови.

„Кафето може да го промени начинот на кој одредени лекови се апсорбираат, метаболизираат или елиминираат од телото. Може да го забрза празнењето на желудникот, поради што лекот поминува низ телото пред целосно да се апсорбира. Исто така, се натпреварува со лековите кои зависат од ензимите во црниот дроб, како што е CYP1A2, што може да ги зголеми или намали нивото на лекот во крвта“, рекла фармацевтката Џенифер Буржоа.

За среќа, тоа не значи дека мора целосно да се откажете од кафето, но можеби ќе мора да го прилагодите времето на земање на лековите и пиењето кафе.

Кои лекови Буржоа ги издвојува како оние што може да имаат интерација со вашето утринско кафе.

Антидепресиви

Ако лекарот ви препишал антидепресив, важно е да не пиете кафе веднаш по земањето на медикаментот, бидејќи тоа може да ја намали неговата ефикасност. На пример, кофеинот од кафето може да формира комплекс со лекот есциталопрам (Лексапро), што го отежнува неговото апсорбирање. Бидејќи помалку се апсорбира од лекот, може да биде помалку делотворен.

Другите антидепресиви, како што се кломипрамин и имипрамин, се разградуваат од истиот ензим (CYP1A2) како и кофеинот. Ако ги земате со кафе, тие можат побавно да се метаболизираат, што доведува до повисоки нивоа на лекот во крвта во текот на подолг период. Исто така, оваа интеракција може да го интензивира дејството на кофеинот, па може да чувствувате нервоза и немир.

Лекови за тироидната жлезда

Хипотиреозата е состојба во која тироидната жлезда не произведува доволно хормони. Без соодветни нивоа на хормоните, може да почувствувате екстремен замор, болки во зглобовите и мускулите, депресија или зголемување на телесната тежина.

Буржоа објаснува дека кафето може значително да ја намали апсорпцијата на левотироксин, лек што се користи за лекување на хипотиреозата. Некои студии покажуваат дека може да ја намали апсорпцијата и до 50 отсто.

„Ова може да доведе до нестабилни нивоа на хормоните и симптоми како замор или ментална магла. Затоа се препорачува да почекате 30 до 60 минути пред да го испиете кафето по земањето на лекот“, рекла таа.

Сличен ефект може да има и чајот, бидејќи едно истражување покажало дека лицата што пијат чај имале помала апсорпција на левотироксин ако го земале во рок од четири часа по консумирањето на чајот.

Лекови за остеопороза

Лековите за остеопороза, како што се риседронат и алендронат, не треба да се земаат со кафе.

„Без разлика дали станува збор за кафе со или без кофеин, па дури и со млеко или со сок, сето тоа може да ја намали апсорпцијата поради начинот на кој лекот се врзува и раствора. Најбезбедно е да се зема овој лек само со обична вода“, рекла Буржоа.

Лекови против настинки и алергии

Псевдоефедрин (судафед) е деконгестив кој се користи за ублажување на затнатиот нос. Како и кофеинот, и псевдоефедринот е стимуланс. Кога се зема заедно со кафето, може да ги зголеми несаканите ефекти, како што се нервоза и немир.

Лицата со дијабетес треба да бидат особено внимателни, бидејќи некои истражувања покажуваат дека оваа комбинација може да го зголеми нивото на шеќер во крвта и телесната температура.

Антипсихотици

Луѓето што земаат антипсихотици како што се фенотиазин, клозапин, халоперидол или оланзапин можеби ќе мора да го прилагодат времето кога го пијат утринското кафе. Кафето може да ја попречи способноста на организмот да ги метаболизира овие лекови.

Лекови за астма

Ако имате астма, лекарот може да ви препише бронходилататори како што се аминофилин или теофилин. Овие лекови ги опуштаат мускулите на дишните патишта и го олеснуваат дишењето. Вообичаените несакани ефекти вклучуваат гадење, главоболка, немир и раздразливост. Прекумерниот внес на кофеин може дополнително да ги интензивира овие несакани ефекти.

Разредувачи на крвта

Лековите за разредување на крвта често се препорачуваат за луѓе со ризик од згрутчувања на крвта. Бидејќи тие го спречуваат згрутчувањето на крвта, најчестата нуспојава е зголемен ризик од крвавење. Земањето на овие лекови со кафе може да биде ризично бидејќи кофеинот, исто така, го забавува згрутчувањето на крвта, што дополнително го зголемува ризикот од крвавење или модринки.

Исто така, истражувањата покажуваат дека кафето може да ја намали пХ вредноста во желудникот, што може да ја зголеми брзината на апсорпцијата на другите лекови за разредување на крвта, како што е аспиринот. Бидејќи лекот се апсорбира побрзо, поголема количина одеднаш стигнува до организмот, што може да го зголеми ризикот од крвавење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот