Овие активности во средните години можат да го намалат ризикот од деменција
Деменцијата погодува милиони луѓе ширум светот, а научниците сè почесто предупредуваат дека промените во мозокот започнуваат многу порано отколку што се појавуваат првите симптоми. Ново истражување покажува дека навиките во средните години можат значително да влијаат врз здравјето на мозокот подоцна во животот, пишува „Итинг вел“.
Препорачано
Според студија објавена во списанието „Алцхајмерс енд деменша“, активности како дружење, читање, вежбање, патување и други ментално стимулативни хобија можат да помогнат во зачувување на когнитивните функции и намалување на ризикот од Алцхајмерова болест.
Истражувачите анализирале податоци од програмата ПРЕВЕНТ Деменција, во која учествувале 587 лица на возраст меѓу 40 и 59 години од Велика Британија и Ирска. Сите учесници биле когнитивно здрави на почетокот на студијата, а околу половина имале родител со историја на деменција.
Научниците ги испитувале факторите што можат да се контролираат, како крвен притисок, холестерол, шеќер во крвта, квалитет на сон, депресија, пушење, алкохол и физичка активност. Истовремено биле анализирани и генетските ризици, вклучително и присуството на генот АПОЕ ε4, кој е поврзан со поголем ризик од Алцхајмерова болест.
Учесниците поминале и низ тестови за внимание, меморија, јазични способности и визуелна перцепција.
Резултатите покажале дека луѓето кои биле поактивни социјално, интелектуално и физички имале подобра когнитивна функција во средните години. Истражувачите нагласуваат дека создавањето „когнитивна резерва“ преку ментално стимулирачки активности може да му помогне на мозокот подолго да се справува со стареењето и потенцијалните оштетувања.
Експертите потенцираат дека контролирањето на состојби како висок крвен притисок, дијабетес и депресија исто така има важна улога во зачувувањето на здравјето на мозокот.
Научниците заклучуваат дека иако не постои магично решение за спречување деменција, здравите животни навики во средните години можат значително да влијаат врз когнитивното здравје во подоцнежниот период од животот.
Овие преработени намирници најмногу му штетат на мозокот и го зголемуваат ризикот од деменција


