Над 200 познати личности бараат ослободување на палестинскиот лидер Марван Баргути
Над 200 познати личности, меѓу кои и добитничката на Нобелова награда француска писателка Ани Ерно, шпанскиот актер Хавиер Бардем, режисерот Јоргос Лантимос, пејачите Стинг, Мајкл Стајп, Нене Чери, композиторот Брајан Ено и други, во среда испратија отворено писмо во кое бараат ослободување на Марван Баргути, палестински лидер затворен во Израел од 2002 година, пишува Гардијан.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Марван Баргути, 66, поранешен функционер на Фатах, се залага за политичко решавање на израелско-палестинскиот конфликт. Тој е познат, меѓу другото, по неговата борба против корупцијата и многумина го сметаат за потенцијален наследник на претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас доколку тој беше на слобода. Неговите поддржувачи го нарекуваат „Мандела на Палестина“, осврнувајќи се на историскиот лидер на борбата против апартхејдот во Јужна Африка и подоцна претседател на земјата, Нелсон Мандела.
Отвореното писмо го потпишаа и филмски и театарски ѕвезди како Бенедикт Камбербач, Жастин Триер, Тилда Свинтон, Марк Рафало, Џонатан Прајс, музички бендови како Масив Атак и Фонтејнс Ди Си, писатели како Сали Руни, Маргарет Атвуд итн., тајкунот Ричард Бренсон, како и познати поранешни фудбалери како Ерик Кантона или Гари Линекер.
„Изразуваме длабока загриженост за континуираниот притвор на Марван Баргути, малтретирањето што го трпи и негирањето на неговите законски права во затвор“, се наведува во текстот, повикувајќи ги „Обединетите нации и владите во светот активно да работат“ за да се обезбеди неговото ослободување.
Оваа иницијатива е дел од меѓународната кампања „Ослободете го Марван“, предводена од неговото семејство. Поголемиот дел од потписниците веќе јавно се изјаснија за прекин на војната во Појасот Газа.
Марван Баргути беше осуден на пет доживотни затворски казни од израелскиот суд, кој го прогласи за виновен на судењето по обвиненијата за вмешаност во смртоносни напади за време на втората Интифада (2000-2005).
Израелските власти одбија да го ослободат како дел од размената на заложници од почетокот на војната во Појасот Газа, предизвикана од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас врз јужниот дел од израелската територија на 7 октомври 2023 година.
Неговиот син во октомври изјави дека бил брутално претепан од израелски чувари за време на неговиот трансфер. Во август, крајно десничарскиот израелски министер Итамар Бен Гвир објави видео во кое го навредува и му се заканува на остарениот и ослабен Марван Баргути во неговата ќелија.


