МОН: Одобрените учебници ќе бидат испорачани на 1 септември, шестоодделенците ќе започнат со помошни материјали

Процесот на испорака на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Од Министерството за образование и наука велат дека сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници се испечатени и интензивирана е испораката до училиштата.

Согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата – се вели во соопштението.

Од МОН додаваат дека задолжените оператори за испорака на учебниците работеле и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд.

Упатуваме апел до јавноста да ги следи информациите кои ги објавува МОН, наместо информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации – велат од Министерството.

Оние, пак, кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.

Минатата учебна година беше повлечен учебникот по Историја и општество за петто одделение. Причината беше потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци, како што се географските карактеристики на Македонија, грешка во историската периодизација, лажни и нејасни факти …

Историчарите побараа веднаш да се повлече учебникот, додека авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска со заедничко писмо тогаш информираа дека веднаш штом ги забележале грешките по печатењето апелирале да се направат исправки, барем во електронската верзија на учебникот.

По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека не се изработи и достави учебникот – велат од Министерството.

Во фаза на изработка е посебен портал преку кој учениците ќе можат да ги симнуваат и користат дигиталните учебници.

Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно. Годинава МОН работи на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение.

Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот