Миленкоски за „Слободен печат“: Европското првенство е голем предизвик, шансата ја гледам против Финска и Белорусија!

„Слободен печат“ ексклузивно во разговор со еден од најдобрите, најтрофејните македонски одбојкарски тренери своевремено со Работнички, нашиот поранешен селектор Јошко Миленкоски.

Со тимот од „Градски парк“ успеа да обезбеди и настап на Ф4 турнирот во Купот на ЦЕВ (тогаш Топ тим куп), а има и долгогодишно искуство од турската одбојка, како тренер на Мили Пјанго и селектор на тамошната репрезентација.

Годинава нашата одбојкарска селекција дебитира на евро шампионатите, поточно на континенталниот собир кој што ќе се одржи од 13-29 септември 2019 год. во четири земји (Белгија, Франција, Холандија, Словенија).

Фото: CEV.EU

– Пласманот на Европското првенство се смета како голем успех. Со самото тоа што ќе бидеме на континенталниот собир, сепак ја претставуваме нашата држава и одбојка и на ваква една голема манифестација да се учествува е еден голем предизвик, големо признание.  Доколку сме задоволни само со тоа, доколку не нè интересираат резултатите и тие се во втор план,  и дека битно е само учеството, можеме да кажеме ајде на некој начин сме постигнале некој успех и треба да сме горди на тоа, треба да сме среќни што една наша репрезентација ќе биде дел од едно вакво големо натпреварување. Иако е јасно дека со новите пропозиции со зголемувањето на бројот на 24 репрезентации, многу ни се олесни патот до тоа ЕП. Во минатото се обидувавме многупати да се пласираме, меѓутоа европските се играа со 12 репрезентации, потоа и со 16 каде што тешко беше да се наметне или да се влезе во тој круг на најдобри селекции. Но, сега со новата формула, сега им се нуди шанса која што ја немале во минатото да постигнат ваков резултат и се отвори патот за оние „помали“ репрезентации да бидат сведоци на едно Европско, на едно големо натпреварување – ни изјави Миленкоски.

Репрезентативците предводени од Никола Матијашевиќ групната фаза ќе ја играат во арената „Стожице“ во Љубљана и се во групата Ц со еден од домаќините Словенија, Турција, актуелниот европски шампион Русија, Белорусија и Финска.

Распоред на натпревари, ЕП 2019

12 септември Македонија-Финска (17.30 часот)

13 септември Македонија-Турција (17.30 часот)

14 септември Македонија-Русија (17.30 часот)

16 септември Македонија-Белорусија (20.30 часот)

17 септември Македонија-Словенија (17.30 часот)

– На Европско нема лесни групи. Во секоја група има по три-четири изразити фаворити, и по две-три кои ќе се борат за пласман во вториот круг за првите четири места во секоја група.  Нема да биде лесно, нашата е една од потешките групи, како фаворити се Русија и Словенија против кои не гледам ниту минимални шанси.  Словенците пред сè како едни од домаќините на шампионатот, да потсетиме пред четири години играа финале на ЕП.  Потоа, ја освоија и Б Светската лига пред две години, на последното ЕП каде што учествував и јас со репрезентацијата на Турција исто така имаа забележителен резултат, се пласираа во вториот круг во четвртфиналето. А сега како домаќини ја гледаат шансата  за понатамошен пласман.

twitter.com/FIVBVolleyball

Русите како бранители на европската титула, па шампиони годинава во Светската лига во конкуренција со Бразил, САД, Италија..Така тие го потврдија нивниот квалитет, и покрај тоа го изменија својот состав и ги вклучија најискусните Мусерскиј, Максимов, Михајлов и Путско, што значи покрај другите се доби уште повеќе на квалитет.  Значи не само како фаворити во групата, туку и на самото Европско да конкурираат за најдобриот пласман. Така што мислам дека шансата за тоа четврто место во групата за понатамошен пласман ќе ја бараме преку дуелите со Финска и Белорусија – додаде нашиот одбојкарски стручњак.

Прв наш противник на македонската селекција ќе биде Финска на 12 септември со почеток од 17.30 часот во арената „Стожице“.

– Гледајќи ги Финците во претходниот период во Европската лига, во претходните квалификации кога настапуваа со релативно  млад состав постигнуваше скромни резултати. Сега во последните натпревари, односно подготовките за ЕП ги почнаа скоро во комплетен состав, значи врати шест-седум искусни играчи од оние стандардни кои претходно играа во минатите години кога Финска беше една многу солидна репрезентација. Со враќањето на Терва Порти, Сиконен, се наметнуваат повторно како едни од кандидатите кои ќе се борат за вториот круг. Можеби токму во првиот натпревар од ЕП против нив ја гледам шансата за некое изненадување – беше коментарот за првиот ривал на ЕП.

twitter.com/FIVBVolleyball

Во наредното второ коло само еден ден подоцна ќе се сретнеме против селекцијата на Турција..

– Што се однесува до Турција, кога јас бев селектор на таа репрезентација дојдовме до вториот круг и го освоивме 11 место на минатото ЕП. Во групата против Белгија имавме четири-пет меч топки дури и за директен пласман во четвртфиналето. Турција оттогаш оваа година има вклучено уште неколку искусни одбојкари, тие се многу амбициозни во овој „проект“, пласман во втор круг на ЕП. Годинава ја освоија Европската лига, па имаа уште едно финале. Така што подготовките им течат во најдобар ред, во добра атмосфера, иако не се знае во кој состав ќе бидат на евро шампионатот.

После Финска, шансата за триумф треба да се бара и против селекцијата на Белорусија…

– Белорусија е нешто слична селекција  како од оние од турнирот „Чајка“ кој што се одржа во Скопје.  Украина мислам дека е на исто ниво со Белорусија. Против Украина игравме во квалификациите за ЕП, дома имавме предност од 2:0, па загубивме на крајот и таму пораз со добра игра од 3:1. И на турнирот „Чајка“ мечот беше рамноправен, во дел од натпреварот бевме дури и подобри. Така што и против Белорусија ја гледам шансата, иако во секој случај ќе биде тешко, да потсетиме таа ја победи Турција во „Челинџер куп“ летово во Љубљана (Словенија) со 3:1 во битката за третото место – вели Миленкоски.

Еден од нашите најдобри одбојкари, Никола Ѓорѓиев не посакува на овој дебитантски евро шампионат да одиме како „туристи“.

twitter.com/FIVBVolleyball

– Помеѓу Финска и Белорусија ја гледам шансата за поволен резултат, за тоа четврто место, Турција е нешто поквалитетна, доколку го одржи континуитетот и сите бидат здрави кои ги на подготовки. Иако вака објективно не сум толку голем оптимист, затоа што е Европско првенство, во кое сите репрезентации нема да калкулираат, сите ќе дојдат со најсилните состави. Ние сме играле со дел од овие репрезентации, некогаш сме ги победувале, но секогаш тоа би било во натпревари кои не биле многу значајни како што се овие на ЕП каде што сите ќе бидат спремни. Доколку ги исклучиме Русија и Словенија како малку поголеми фаворити, се одделува и Турција, но само  нијанси ја дели со Финска и Белорусија.  И тука влегуваме и ние во тој круг.

Нашиот проблем е тоа што немаме соодветни замени, немаме добра клупа. Доколку од овие стандардните не дај Боже се здобијат со  одредени здравствени, физички проблеми итн., тогаш шансите ни стануваат минимални.  Доколку сите се здрави, подготвени, во добра форма, а тоа го покажаа во победата против Бугарија на турнирот во Скопје кога играа доста квалитетно, мотивацијата сигурно ќе биде на високо ниво.  Значи против Финска треба да се оди на сè или ништо, нема што да се калкулира или што да се бара против Словенија и Русија, битно е да се фокусираме на оние побитни дуели. Тој дуел со Финска треба фактички да ги покаже нашите прави вредности, можеме или не можеме – заврши Миленкоски.

 

Освен тренинзите, формата пред настапот на ЕП се темпира и преку пријателските натпревари. На гости во Крајова двапати загубивме од Романија со 3:0 и 3:2, па во Скопје триумфиравме над Шведска (3:2), а со истиот резултат загубивме во втората контролка. На традиционалниот турнир „Чајка“ кој се одржа во главниот град, пораз од Украина со 3:1, па максимална победа од 3:0 над Бугарија. Во Сент Полтен со 3:0 по сетови ја совладавме Австрија (25:23, 25:23, 25:23) во првиот од двата последни контролни натпревари против оваа селекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот