Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук / скриншот

Мицкоски: Инфлацијата ќе беше двојно поголема ако не ги намалевме ДДВ и акцизата за горивата

Со корекциите што ги направи Владата и почетните мерки за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти и можноста за намалување на акцизата е оневозможено инфлацијата да биде двојно поголема од таа за март и се очекува да биде меѓу 4,5 и 5 проценти, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој додава дека внимателно ја анализираат состојбата и очекува на следната владина седница, по велигденските празници да предложат нови мерки повеќе таргетирани за одредени целни групи граѓани и одредени производи. И тие мерки, како што нагласи, би биле комбинирани и со намалување на данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа.

– Со корекциите што ги направивме и со овие почетни мерки за намалување на ДДВ и можноста да се намали акцизата, ние ги преполовивме можностите за двојно поголема инфлација од тоа што се очекуваше и според меѓународни финансиски институции. Врз основа на нашите пресметки очекуваме инфлацијата да се движи меѓу четири и пол и пет проценти во март месец. Ќе имаме засилување. Тоа засилување беше видливо во втората половина од март. Ќе правиме анализи и се разбира дека ќе донесеме одлука како и што понатаму ќе правиме – рече премиерот Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на почетокот на реализација на проект за реконструкција на улици во општина Аеродром.

Премиерот повтори дека не смее да се носат одлуки под притисок, туку паметно и мудро, бидејќи, како што истакна, никој не знае колку долго ќе трае целата оваа криза.

– Мора да се подготвиме за подолг период, а да бидеме среќни ако заврши побрзо – рече Мицкоски.

Мицкоски: За бензините треба да имаме и пониска цена, а за дизелот не би требало да има покачување

Тој најави дека на денешната седница на Владата ќе разговараат за тековни работи, а оти за донесување нови мерки ќе се одлучува по велигденските празници.

– Следните мерки би биле повеќе таргетирани за одредени целни групи на граѓани и одредени производи. Зборувам тука пред сè за основните прехранбени производи. И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа. Во таа насока би се движеле мерките, рече Мицкоски.

Тој потврди дека Законот за нефер трговски практики за зголемување на казните е готов.

– Јас имав состанок со претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Мислам дека прашање на денови е кога истиот ќе влезе во владиина процедура – рече премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот