Жена во маркет, потрошувачка кошничка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поевтино гориво и евтина храна или празен буџет, што ќе донесе владината мерка?

Синдикатот вели дека иако мерката изгледа како олеснување за џебот на граѓаните, ефектите ќе се знаат при крај на месецов кога ќе се видат новите цени на синдикалната кошничка

Слушај ја веста

Дали намалувањето на акцизата ќе значи вистинско намалување на ценовниот удар врз граѓаните или само ќе доведе до помали приходи во буџетот? Во време кога секој денар е важен, останува дилемата дали ова е вистинската мерка за долгорочна стабилност или само привремено решение за моменталниот притисок врз животниот стандард.
Според експертите, ова е обид да се ублажи растот на цените и да се намали притисокот врз граѓаните.

Синдикатот, пак, е дециден дека ефектите ќе се видат на 20 април, кога ќе биде објавена новата вредност на синдикалната кошничка, врз основа на цените што ги нудат трговците. Намалувањето на акцизата е донесено на последната вонредна владина седница. Дизелот ќе се продава со намалена акциза за четири денари и за два денари за безоловните бензини од 95 и 98 октани по литар. На истата вонредна седница беше донесена одлука ДДВ-то за горивата да остане намалено од 18 на 10 проценти до крајот на кризната состојба, која истекува на 20 април. Според премиерот Христијан Мицкоски, со овие мерки се штити стандардот на граѓаните.

Ефекти за граѓаните или за буџетот?

Економските експерти ја поздравуваат мерката, но предупредуваат дека ефектите можеби нема да бидат онакви какви што се очекуваат, поради неизвесноста поврзана со геополитичките тензии и случувањата на Блискиот Исток.
Професорот Зоран Ивановски посочува дека Владата треба да размислува и за други пакети мерки кои не се исклучиво дел од фискалната политика, туку би значеле реорганизација на животот и работата на граѓаните и компаниите, со цел да се намали потрошувачката на горива.

ОПЕК+ симболично го зголемува производството – војната влијае на понудата на долг рок

„Потребни се мерки за намалување на трошењето горива, какви што предлага и Меѓународната агенција за енергетика, бидејќи постои страв за долгорочното снабдување“, вели Ивановски.

Тој додава дека едно е ублажување на ценовниот шок, а друго е обезбедувањето доволни количини енергенси. Според него, маневарскиот простор е ограничен – од една страна е ценовниот шок, а од друга буџетот, кој мора да обезбеди приходи.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, вели дека вистинските ефекти од намалувањето на ДДВ-то и акцизите ќе се видат дури на крајот од месецот.

-Ќе видиме дали цените ќе се намалат или ќе продолжат да растат. Горивата веќе се поскапени за околу 40 проценти од почетокот на војната – вели Трендафилов.

Премиерот очекува намалување на цените на бензините по одлуката за намалување на акцизите, додека за дизелот не предвидува значителни промени. Тој истакна дека е обезбеден дополнителен попуст од три денари за дизел и два денари за бензин во договор со ОКТА, што треба дополнително да влијае врз цените. Според него, состојбата со резервите е стабилна, иако потрошувачката е зголемена од 1,5 на два милиони литри дневно, со дополнителен притисок од пограничните региони.

Намалувањето на акцизата директно влијае врз пониски цени на горивата, што значи дека граѓаните ќе плаќаат помалку за бензин и дизел. Индиректно, тоа може да доведе и до намалување на транспортните трошоци, што понатаму влијае врз цените на храната и другите производи. Сепак, ефектот зависи од тоа дали компаниите ќе ги намалат цените или ќе задржат дел од заштедата како профит.

ОПЕК+ симболично го зголемува производството – војната влијае на понудата на долг рок

Од буџетски аспект, акцизата е значаен приход за државата. Нејзиното намалување значи директно откажување од дел од приходите, што може да доведе до милионски загуби, помалку средства за јавни инвестиции и зголемен притисок за задолжување. Крајниот ефект од мерката ќе зависи од повеќе фактори: движењето на цената на нафтата на светските пазари, курсот на денарот, како и од однесувањето на трговците и дистрибутерите. Доколку цената на суровата нафта продолжи да расте, намалувањето на акцизата може само делумно да го ублажи ударот врз граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот