Мицкоски: За бензините треба да имаме и пониска цена, а за дизелот не би требало да има покачување
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека имаме стабилни количини на гориво и не треба да има никакви стравувања, иако потрошувачката е зголемена на дневна основа, заради притисокот на одрдени погранични места.
Препорачано
-Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно количини, тука не треба да имаме никакви стравувања, зголемена е потрошувачката, од 1,5 милион литри на ден, на два милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени погранични места, ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ, се со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите, изјави Мицкоски.
Тој повтори дека со вчерашната одлука на Влада овозможиле Регулаторната комисија да ги намали акцизите за дизелот 4 денари по литар, а за бензините два денари по литар.
-Исто така, во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на Хеленик петролеум во Атина но и со раководството на ОКТА тука во Скопје, и успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за оние три денари за литар дизел и два денари за безоловен. Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа којашто е сега, а за дизел горивата не би требало да имаме на одредени бензиски пумпи покачување и покрај тоа што имаме сериозна предизвикувачка состојба во државата, но и насекаде во светот, рече Мицкоски, во одговор на прашањето каков ефект очекува со намалувањето на акцизите на горивата.
Премиерот кажа дека она што претставува цел на Владата е да бидеме фактор на стабилност.
ОПЕК+ симболично го зголемува производството – војната влијае на понудата на долг рок
-И тоа го правиме, онаа Македонија којашто коленичеше и молеше повеќе не постои, сега имаме Македонија која што помага, од која што бараат помош, која што рефлектира стабилност во регионот, зрелост, и на тој начин ќе се однесуваме како влада и во иднина и ќе ја следиме состојбата. Утринава откако стартуваа берзите на исток постепено продуктите ја намалуваат својата цена, но да видиме како ќе затвори денот и да видиме како ќе затвори неделата, за да можеме да имаме некаков репер околу берзите, да знаеме какви ќе бидат цените на дизел горивото и безоловниот бензин 95 и 98 октански, рече Мицкоски.


