Instagram
Фото: Instagram

Кристен Стјуарт вели дека сè уште ја „прогонува“ духот на принцезата Дијана

Толкувањето на покојната принцеза Дијана во биографскиот филм „Спенсер“ од 2021 година оставило длабока трага врз актерката Кристен Стјуарт. И пет години по снимањето, 35-годишната ѕвезда вели дека сè уште ги чувствува последиците од влегувањето во улогата на принцезата од Велс и признава дека има чувство како Дијана да ја „прогонува“, пренесува „Лед бајбл“.

Во интервју, Стјуарт отворено зборуваше дека ова чувство е особено силно кога престојува во Британија или во Париз – градот во кој Дијана трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во 1997 година, на само 36-годишна возраст.

„Не можам да се возам низ Лондон, а ни низ Париз, без да помислам на неа. Сета таа љубов што ја носеше во себе… можам да заплачам за неа во секој момент“, изјави актерката.

Стјуарт откри дека првично мислела дека режисерот Пабло Лараин е „луд“ кога ѝ ја понудил улогата, но тој успеал да ја убеди. Чилеанскиот режисер сметал дека меѓу неа и Дијана постои одредена паралела, особено во однос на животот под постојаното око на јавноста. Како што е познато, Стјуарт стана светска ѕвезда уште како тинејџерка благодарение на франшизата „Самрак“ (Twilight).

Актерката признава дека постојаното следење од папараците „ја исцрпува“ и дека како актер е тешко целосно да се соголиш емотивно, кога знаеш дека секој твој чекор е подложен на јавна анализа. Токму затоа чувствувала огромна одговорност да ја оправда довербата што Лараин ѝ ја дал, иако во еден момент дури му предложила да „ангажира некој друг“.

Филмот „Спенсер“ ја истражува психолошката болка на Дијана за време на нејзиниот брак со тогашниот принц Чарлс, особено во контекст на неговата афера со Камила Паркер Боулс. Дејството е сместено за време на напнат божиќен престој во Сандрингем во 1991 година, каде што Дијана се бори да го најде своето место во монархијата и да се соочи со неверството на сопругот.

Стјуарт објасни дека на почетокот не се чувствувала подготвена за улогата поради очигледните физички разлики меѓу неа и Дијана.

„Таа беше елегантна, а јас не сум. И бојата на очите – јас имам зелени, а таа имаше препознатливи сини очи што одговараа со нејзиниот прстен. Дури си помислив: ‘Дали тогаш треба прстенот да го направиме зелен?’“, раскажала актерката.

Опседнатоста со ваквите детали почнала да ја повлекува надолу, сè додека режисерот не ѝ посочил дека суштината не е во надворешноста, туку во „духот“ што го дели со принцезата Дијана.

Неговиот совет се покажал како исправен. И покрај сите сомнежи, улогата во „Спенсер“ ѝ донесе на Стјуарт номинација за Оскар за најдобра актерка во 2022 година. Таа вели дека длабоко се поврзала со ликот, опишувајќи ја Дијана како личност која била „исцедена до крај“ од папараците – бунтовна, млада, очајна и исклучително ранлива.

Голема улога во нејзината трансформација одиграле и костимите.

„Облеката беше дел од оклопот. Ми овозможи да влезам во нејзиниот физички простор и да ја прикажам како заробена во замок, облечена во раскошни и прекрасни парчиња. Тоа само по себе е поезија“, објаснила Стјуарт.

Половина деценија по „Спенсер“, актерката признава дека чувството не исчезнало.

„Бев прогонувана од неа додека снимав… и сè уште сум“, вели таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот