Како може Клиниката за онкологија да не затвори досие на починат човек во 2014 година и во него да води друг пациент?!

Клиника за Онкологија / ФОТО; Мирослава Бурнс

Како е возможно Клиниката за онкологија да не затвори електронско досие на починат пациент во 2014 година и на негово име во 2022 да води друг човек?! Станува ли збор за административна грешка, или пак за корупциска шема која ќе ја отвори пандорината кутија за долгот од 12 милиони евра кој постои на оваа клиника?

Според сознанија на Слободен печат, ревизорите кои ќе поминат два месеци на клиниката се фокусирани токму на најважното прашање – зошто нема ни пари а ни лекови во оваа болница. Се проверуваат медицински истории на пациентите, се бара на чии медицински картони се раздолжени скапите цитостатици и дали тоа било правено правилно согласно прогресијата на болеста, а веќе на дел од вработените од пониските ешалони, одземено им е правото да креираат упати, зашто се под сомнеж дека за дефицитарни и тешки за наоѓање дијагностички процедури, како на пример пет скен, нивните членови на семејствата, наоѓале приоритетни термини токму преку нив. Со пет скен се гледа до кој степен е прогресијата на канцерот, а потоа тоа помага да се процени најефикасниот третман.

Еден од случаите за кои поседуваме документација е за пациент кој боледувал од канцер на желудникот и починал во 2014 година. Човекот и во 2022 година се води како активен пациент во електронскиот систем на Клиниката за онкологија и за него се генерираат упати, но овој пат за некој што има дијагноза канцер на простата. Самото тоа што за починат пациент во 2014 година, Клиниката не го затворила електронскиот картон, оставена била можноста друг пациент со истото име а со различна дијагноза, да се лекува во евиденцијата на починатиот пациент. Се проверува дали ова е воспоставена пракса на Клиниката која може да се употребува и за фиктивно покритие за скапите терапии. Точната шема за тоа како се препродаваат цитостатици не ја открива ниеден инсајдер, но дека пари на рака се земаат, потврдуваат кривичните пријави за мито, иако за минорни суми и за најниските ешалони од вработените. Според наши извори, кога пациент ќе почине, тоа во компјутерот на онкологија системски не се заведува. Не е јасно зошто.

Во моментот на Клиниката за онкологија надворешни ревизори разгледуваат досие по досие. Пријавено им е дека за пациент кој во 2014 година починал – и во 2021 година и во 2022 година во електронскиот систем на Клиниката впишано е дека му се спроведувале медицински активности. Кога ќе се погледне ова медицинско досие, се гледа податокот дека неговата сопруга во 2014 година дала податок дека тој е во влошена општа состојба, има малаксаност, слабост и чувство на гушење. Имал алергија на цитостатикот. Дијагнозата му е канцер на желудник. Не е запишано дека починал, иако во 2014 починал. После тоа, во сосема истото досие за овој човек, во 2021 година некој почнува да се лекува од простата, да добива хормонска терапија како и да му се креираат упати.

Слободен печат дознава, дека додека ревизорите работат затворени во една соба на Клиниката, и по три дена не можат да најдат досие на пациент за кого ќе пројават сомнеж дека терапијата е чудно администрирана, односно дека лековите се раздолжувани во периодот пред смртта на тие пациенти а не би требало да се даваат во таа терминална фаза од болеста.

Буџетската дупка од 12 милиони евра резултираше со оставка само на поранешниот директор доктор Нино Васев, додека организацискиот директор и дипломиран правник Нехат Нухи стоечки на функција и во директорската канцеларија ги дочека ревизорите. Во морето чудни медицински истории, недостиг на 12 милиони евра и испарени лекови од болницата, само еден медицински техничар од аптеката фатен со сто евра мито, заработи суспензија.

Потоа одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал пред два месеци до Обвинителството поднесе пријава за овој дваесет и четиригодишен вработен на Клиниката, зашто примил сто евра мито од пациентка за да издаде терапија од аптеката на клиниката иако таа имала медицински извештај од лекар и лекот требало да го добие бесплатно. Таткото на момчето што заработи кривична пријава за поткуп, иако непрецизно, сепак за медиумите во изјава наговести дека во синџирот на Онкологија има глава и опашка, а дека обичните работници не можат да влезат во тие, како што ги нарече – ,,процеси”.

Парите на Онкологија се мерат во ампули, кои чинат од две илјади евра, па до триесет илјади евра. Поевтините цитостатици се околу 200 евра. Сите тие се набавуваат од буџетот на државата, така што тие на пациентите би требало да им следуваат без никаков паричен надомест, бидејќи се платени од страна на Фондот за здравствено осигурување односно од тоа што пациентите уплаќаат пари за своето здравствено осигурување. Додека ревизорите работат, терапиите за најкритичните ги нема, и тоа барем за десет видови канцер! Тие што имаат пари ги купуваат во странство, а тие што немаат пари чекаат. И едните и другите се соочуваат со скандалозни кршења на пациентските права. Тужба до Клиниката за ненавремено остварување на правото на медицинска терапија, не поднел ниеден пациент.

Претставка до Народниот правобранител преку здружението на млади правници поднесоа две пациентки, едната од Скопје, другата од Битола, зашто иако имаат канцер на дојка, нивниот цитостатик кој е исклучително ефективен и помага да се стопира растот на малигните клетки а се вика Херцептин, на Клиниката за онкологија доцни. Кога ваков цитостатик доцни, тоа предизвикува во текот на една година овие жени да прескокнуваат и по неколку од препишаните 18 херцептини, што пак е огромен ризик за нивниот живот.

Директорката на Клиниката, доктор Виолета Клисарова за Слободен печат вели дека ревизијата не е завршена и ќе трае и во наредните еден до два месеци, според податоците кои ги добила од ревизорите.

– Секако дека имам увид за количините на лекови. Согласно моите напори, наредната недела треба да пристигнат лекови кои во моментот недостасуваат. Се работи и на постапки кои ќе го обезбедат континуитетот на лековите, ни изјави таа.

Од понеделник на Клиниката за онкологија ќе биде достапна дел од терапијата која недостасува. Доктор Клисарова формирала конзилиум за лекови и конзилиум за пет скен за да се направи поголема контрола и да се оневозможат злоупотреби во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот