ИОК и Кина ќе обезбедат вакцини за олимпијците и параолимпијците во Токио и Пекинг!
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Кина се здружија за да им понудат вакцини на спортистите и тимови кои се подготвуваат за претстојните Летни олимписки игри во Токио и Зимските олимписки игри во Пекинг.
Соработката со кинеските олимписки претставници беше објавена денеска за време на онлајн состанокот на ИОК.
– Благодарни сме за оваа понуда, која е во вистински олимписки дух на солидарност – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.
Бах додаде дека Меѓународниот олимписки комитет „ќе плати дополнителни дози“ за олимпијците и параолимпијците, учесници на Игрите ова лето во Токио и Пекинг во 2022 година.
Вакцинацијата во Јапонија се одвива релативно бавно и покрај приближувањето на Олимписките игри, кои треба да започнат на 23 јули во Токио.
Говорејќи за загриженоста дека спортистите можат да ја пренесат вакцината „преку ред“, Бах рече дека земјите кои учествуваат во програмата ќе добијат дополнителни дози за пошироката јавност.
– ИОК ќе плати уште две дози, кои можат да бидат достапни на населението во таа земја во согласност со нивните потреби – додаде Бах.
Тој исто така вели дека дистрибуцијата ќе се изврши преку меѓународни агенции или постојните договори за вакцини што земјите ги имаат со Кина.
Договорот со Кина ќе помогне да се исполнат ветувањата на организаторите и натпреварувачите дека Олимписките игри ќе бидат организирани на безбеден начин.
Воедно проектот покажува солидарност со јапонскиот народ кого ИОК високо го цени.