Роверот „Кјуриосити“ на НАСА - Фото: NASA / JPL Caltech / Ferrari / Profimedia

ФОТО | Роверот „Кјуриосити“ откри нови органски молекули на Марс

Научниците од НАСА соопштија дека роверот Кјуриосити открил најразновиден досега сет на органски молекули на Марс, вклучувајќи соединенија кои никогаш претходно не биле регистрирани на оваа планета, објави НАСА.

Откритието се базира на анализа на примерок од карпа собран во 2020 година во областа на планината Шарп, висока околу 5,5 километри, која се наоѓа во центарот на кратерот Гејл. Во примерокот, наречен „Мери Анинг 3“, биле идентификувани 21 органски молекули што содржат јаглерод, од кои седум за првпат се детектирани на Марс. Резултатите се објавени во научното списание „Нејчер комјуникејшнс“.

Роверот „Кјуриосити“ на НАСА – Фото: NASA / JPL Caltech / Ferrari / Profimedia

Истражувачите посочуваат дека не може со сигурност да се утврди дали овие молекули настанале како резултат на биолошки или геолошки процеси, но нивното присуство претставува силен доказ дека древниот Марс имал хемиски услови погодни за развој на живот. Дополнително, откриените соединенија се дел од растечка листа на молекули кои успеале да се зачуваат во карпите и покрај милијарди години изложеност на радијација, која инаку ги разградува ваквите структури.

Oргански молекули на Марс – Фото: NASA / JPL Caltech / Ferrari / Profimedia

Примерокот потекнува од регион кој во далечното минато бил покриен со езера и потоци. Овие водени средини со текот на времето исчезнувале и повторно се појавувале, оставајќи зад себе минерали од глина кои се особено погодни за зачувување на органски соединенија – молекули што претставуваат основа за живот и се присутни низ целиот Сончев систем.

Роверот „Кјуриосити“ на НАСА – Фото: NASA / JPL Caltech / Ferrari / Profimedia

Меѓу новооткриените соединенија се издвојува азотен хетероцикличен молекул, структура составена од јаглеродни атоми што вклучува и азот. Овој тип молекули се смета за претходник на рибонуклеинска киселина и деоксирибонуклеинска киселина – клучни носители на генетската информација.

„Ова откритие е навистина значајно, бидејќи овие структури можат да бидат хемиски претходници на покомплексни молекули што содржат азот“, изјавила водечката авторка на истражувањето, Ејми Вилијамс, нагласувајќи дека вакви соединенија досега не биле пронајдени ниту на површината на Марс, ниту во марсовски метеорити.

Дополнително, научниците го истакнуваат и откривањето на бензотиофен – молекул што содржи јаглерод и сулфур, познат од многу метеорити. Според некои теории, токму ваквите соединенија можеле да одиграат клучна улога во раната предбиолошка хемија во Сончевиот систем.

Иако сè уште нема дефинитивен одговор на прашањето дали некогаш постоел живот на Марс, ова откритие претставува значаен чекор напред во разбирањето на условите што владееле на оваа планета. Новите податоци дополнително го зајакнуваат уверувањето дека древниот Марс имал потенцијал да поддржи живот и отвораат нови насоки за идни истражувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот