Евровизија добива азиско издание, првиот натпревар е во ноември во Бангкок
Организаторите на Песна на Евровизија објавија дека првото азиско издание на меѓународниот музички натпревар ќе се одржи на 14 ноември во Бангкок.
Препорачано
Меѓу првите 10 земји учеснички се Јужна Кореја, Бангладеш, Бутан, Камбоџа, Лаос, Малезија, Непал, Филипините, Виетнам и домаќинот Тајланд, додека организаторите наведуваат дека наредните месеци на натпреварувањето би можеле да се приклучат и други држави.
Правилата на новото натпреварување сè уште не се објавени.
На Европскиот натпревар за песна на Евровизија, националните радиодифузери избираат изведувачи кои на сцената изведуваат оригинална песна во траење до три минути.
Директорот на Песна на Евровизија, Мартин Грин, рекол дека покренувањето на азиското издание е особено значајно во годината кога се одбележува 70-годишнината од основањето на натпреварувањето, додавајќи дека Азија е регион „богат со култура, креативност и музички талент“.
Иако регионалните сили Кина и Јапонија засега не учествуваат во азиското издание, аналитичарите наведуваат дека и новото натпреварување би можело да биде под влијание на геополитиката, со оглед на регионалните спорови како што се тензиите помеѓу Тајланд и Камбоџа или територијалните претензии во Јужното Кинеско Море.
Идејата за азиската верзија на Евровизија постои од 2008 година, но досега не е реализирана.
Организаторите проценуваат дека новиот натпревар би можел да привлече публика од повеќе од 600 милиони луѓе, што е значително повеќе од околу 166 милиони гледачи што го гледале последното европско издание.
Одлуката е донесена: Израел ќе учествува на Евровизија 2026 година


