Фото: FRANK MOLTER / AFP / Profimedia

ЕУ да им помогне на граѓаните што ја искусиле сиромаштијата да имаат достоинствен живот, апелира Билјана Дуковска

Благодарни сме што ЕУ ја поддржува земјата на повеќе нивоа, главно економски и политички, но сега е време да им се помогне на граѓаните со искуство во сиромаштија да осетат директен бенефит и да добијат достоинствен живот, апелира Билјана Дуковска, претседателката на Македонска платформа против сиромаштија, осврнувајќи се на денешниот ден, кога треба да биде донесена првата Стратегија на ЕУ против сиромаштијата.

Дуковска денешниот ден го карактеризира како „историски“ за Европската Унија, токму поради Стратегијата, која, како што вели може да биде важна и за нас.

Таа вели дека вклучување на Македонија во активностите на ЕУ за сиромаштијата побарала на состанокот со Роксана Минзату, извршната потпретседателка на Европската комисија, заедно со раководството на Европската мрежа против сиромаштијата (ЕАПН).

„На почетокот се повторија барањата за системско и координирано учество на лицата со искуство во сиромаштија и потребата да се гледа на нејзината мултидимензионалност, важноста од алокација на доволно финансии и меѓусебната синхронизација на другите политики, неопходноста од преточување на стратегијата во национални и локални планови против сиромаштија и поставување на соодветни индикатори за следење. И тука некаде, дојде мојата улога, да бидам гласот на Европејците кои живеат во земји кои не се ЕУ членки. Велам: ‘Ние не смееме да бидеме изоставени од најважниот документ на ЕУ кој во фокусот го има искоренувањето на сиромаштијата! Граѓаните на овие земји не смеат да бидат оставени сами на себе да справуваат со предизвиците кои ги носи сиромаштијата! Мојот предлог е да се отиде и чекор понатаму, па оваа стратегија да биде видлива и препознаена и во процесот на пристап за земјите кандидатки’“, посочува Дуковска преку објава на Фејсбук.

Според неа, владите на овие земји мора да ја следат имплементацијата на Стратегијата и да креираат свои стратегии, документи, програми и политики како дел од предпристапниот пакет за членството во ЕУ.

„Процесите на пристап и преговори за членството во ЕУ треба да го земат овој документ во предвид иако нема да е обврзувачки за нив, но треба да им биде водич и монитор за земјите кандидатки, да се проверуваат што прават во насока на искоренување на сиромаштијата и да се насочуваат, но и поддржуваат како да постигнат повеќе“, нагласува Дуковска.

Оттука, бара ЕУ да им помогне на граѓаните со искуство во сиромаштија, со што, како што вели, би почувствувале директен бенефит и би добиле достоинствен живот.

„Ако сега нè изоставите, и се посветите само на членките, никогаш нема да може да фатиме чекор со нив, ќе останеме заковани во сиромаштија и тоа само го продлабочува проблемот. За мене оваа стратегија е екстремно важна и во неа гледам можност Европа да се бори против сиромаштијата како целина, заедно и солидарно!“, соопшти Дуковска.

Секој петти граѓанин е сиромашен!

Меѓу другото, бара стратегијата да обезбеди силен фокус на искоренување на сиромаштијата во процесот на проширување, како и да се зајакнуваат институционалните и граѓанските капацитети, особено на организациите кои работат со и за луѓе во сиромаштија. Понатаму, бара активно учество на лица кои живеат во сиромаштија во креирањето и следењето на политиките, подобрување на статистиката и мерењето на сиромаштијата, за да биде споредлива со ЕУ, но и стабилно финансирање на граѓанското општество како клучен партнер во борбата против сиромаштијата.

„Мислам дека е доволно јасно зошто ни е нужно неопходна ЕУ стратегија која нема да не исклучува, во ситуација кога државата нема никаков национален стратешки документ за искоренување на сиромаштијата. Искрено се надевам дека новата стратегија против сиромаштија нема да биде само за ЕУ членките, туку ќе го третира континентот како целина, со конкретни инструменти, финансии и учество што ќе доведат до искоренување на сиромаштијата или како што Роксана Минзату вели во своето последно видео ‘Целта на оваа Стратегија е секој Европеец да може да го живее својот живот со достоинство’“, вели Дуковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот