Гувернерот Славески ги презентираше есенските проекции/ фотографија: „Слободен печат“

Есенски проекции на Народната банка: Просечната инфлација годинава ќе биде 3,9 проценти, а економскиот раст 3,5 проценти

Народната банка нагорно ја коригираше стапката на инфлација во однос на пролетните проекции. Гувернерот Славески потенцираше дека нејзиното стабилизирање на среден рок е многу важно.

Макроекономската слика на домашната економија укажува на солидни економски изгледи, како одраз на надворешните и на домашните фактори, натамошна стабилизација на инфлацијата и на надворешната позиција, која обезбедува адекватно ниво на девизните резерви. Ова е заклучокот на гувернерот Трајко Славески по презентацијата на есенските макроекономски проекции. Но, тој нагласи дека „ризиците сè уште се нагласени и неповолни“.

Според проекциите, економскиот раст во 2025 година ќе биде 3,5 проценти, а во периодот 2026-2028 година тој би забрзал на 4 проценти.

– Очекуваме позитивен импулс од јавните инфраструктурни инвестиции, како и од приватните инвестиции. Се очекуваат солидни приливи од странски директни инвестиции, како и натамошен раст на расположливиот доход поддржан од реалниот раст на платите и на пензиите и од приватните трансфери на среден рок – рече Славески.

Просечната стапка на инфлација е коригирана во нагорна линија во однос на април и се проценува дека таа за 2025 година ќе биде 3,9 проценти.

– Просечната стапка на инфлација од 3,9% во 2025 година (3% во априлската проекција) ќе биде под влијание на растот на цените на храната, при стабилна, но сѐ уште инертна базична инфлација и одредено стабилизирање на цените на енергенсите. Во наредниот период, стапката на инфлација ќе се сведе на 2,5 проценти во 2026 година и 2 проценти во периодот од 2027 до 2028 година. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени – рече Славески.

Намалување на кредитирањето

Една од мерките на зауздување на инфлацијата е и намалување на кредитирањето. Славески нагласи дека тоа ќе се намали. Кредитниот раст во третиот квартал е 13,5 проценти на годишно ниво, а до крајот на годината се очекува да забави на 12,5 проценти. Во наредниот период забавувањето би било уште поголемо. Во периодот од 2026 до 2028 година, Народната банка очекува кредитниот раст да се сведе на 7,3 проценти во просек, при очекувани ефекти од преземените макропрудентни мерки донесени во последниот квартал оваа година.

– Ние се грижиме за финансиската стабилност на банкарскиот сектор, за задолженоста кај секторот на население. Сметаме дека тие стапки на кредитен раст, особено над очекувањата се еден од факторите за нагорни притисоци на стапката на инфлација. Ние сме прилично сензитивни, детерминирани и постои консензус меѓу Народната банка и Владата дека инфлацијата треба да се движи по патеката што ја презентираме – вели Славески.

Тој посочи дека при очекувања за намалување на инфлацијата и ако нема административен раст на платите, можно е намалување на референтната каматна стапка, која е многу важна за формирање на каматите и на кредитите и на депозитите.

 Глобални очекувања

Како отворена економија, истакна Славески, важен е надворешниот сектор. Глобалната стапка на економскиот раст од 3,3 проценти ќе се намали на 3,2 проценти во 2025 година. Глобалната инфлација во 2025 година се очекува да биде 4,2 проценти, а во 2026 година да се намали на 3,7 проценти. Како глобален ризик се наведува експлозија на протекционистички мерки и раст на цени на суровини поради климатски и геостратешки фактори. Според сегашните очекувања, берзанските цени треба да се намалат во 2025 и во 2026 година. Ова се однесува и на цените на нафтата, а енергенсите може да забележат мало зголемување на цените. Се очекува и раст на цените на металите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот