Должат граѓани, ама и државата не си ги плаќа навреме обврските

Вкупниот нето долг на првата должничка листа на УЈП за оваа година изнесува речиси 8 милијарди денари и е поголем за над 22 милиони денари од претходната листа. Од позвучните имиња, на овој список веќе подолг период се Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во државна сопственост, државната фабрика за шински возила Колска од Велес, како и фудбалските клубови Вардар и Металург

Градежни компании, бензински пумпи, јавни здравствени установи, шпедитерски, текстилни, транспортни и увозно-извозни фирми, како и еден Дом на култура -Иљо Антески Смок од Тетово се на најновата должничка листа на Управата за јавни приходи, со неплатени давачки до крајот на 2022 година. Списокот брои 1.675 компании (15 повеќе од претходната листа), додека како физички лица должници се наброени дури 3.291 имиња, или за 27 повеќе од претходната листа.

Од позвучните имиња, на овој список веќе подолг период се Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во државна сопственост, државната фабрика за шински возила Колска од Велес, како и фудбалските клубови Вардар и Металург. Со години ненаплатен е и долгот на индустријата Ел Ацтека, на бизнисменот Ангел Кастиљо, како и Трансмет, а може да се „прочитаат“ и долговите на некогашната трговска куќа Славија, текстилниот гигант Тетекс Јарн, Бујото инжинеринг и Бетон трејд.

Должат и и Јавните комунални претпријатија од Тетово и Струга, Македонија сообраќај, хотел Балкан од Кавадарци, печатницата Даскал Камче, радио Хит, кафе бар Мохито, Наше такси… Вкупниот нето долг на првата должничка листа за оваа година изнесува речиси 8 милијарди денари (7,92 милијарди денари) и е поголем за над 22 милиони денари од претходната листа.

Очигледно е дека најголемиот проблем со кој не може да се изборат компаниите се даноците и придонесите, каде е направен најголемиот износ од 7,74 милијарди денари, што повеќе за 45 милиони денари од претходната листа). Компаниите малку подобро се справуваат со царинските давачки, каде сумата е 183 милиони денари, што е помалку за 23 милиони денари од претходната листа. И ако може да се има разбирање за приватните компании, неразбирливо е што државата се покажува како лош газда, како што е примерот со велешката фабрика за шински возила „Колска”. Седумдесеттината вработени во оваа државна фирми, постојано штрајкуваат, а проблемот со години не им се решава.

Последниот протест беше во октомври лани, бидејќи веќе пет-шест месеци, УЈП им ја блокира сметката поради заостанат долг за ДДВ од околу 650 илјади евра за периодот од 2013 до 2017 година. „Колска” е единствена фабрика со ваква намена во земјава, која порано беше во состав на Железници. Сегашните 70 од некогашните 350 вработени со години бараат повторно да бидат вратени во состав на Железници.

Инаку, долговите на компаниите и граѓаните се доспеани до крајот на септември, а не се платени до 31 декември лани. Управата за јавни приходи сумира дека се работи за неплатени давачки за ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси за задолжително социјално осигурување, акцизи, царини. За да се најдат на оваа листа долгот за правните лица треба да биде повисок од 300 илјади денари, а за физичките лица и самостојните вршители на дејност над 120 илјади денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот