Џеф Безос го купи Џејмс Бонд: Амазон стана сопственик на филмското студио за 8,45 милијарди долари

Фото: Архива

Американскиот гигант за интернет-трговија „Amazon“ го купува холивудското филмско и телевизиско студио „MGM“, кое снимаше филмови за Џејмс Бонд и други хитови.

„Amazon“ ќе плати 8,45 милијарди долари за „MGM“, со што ќе биде втора по големина зделка по купувањето на ланецот супермаркети „Whole Foods“ за скоро 14 милијарди долари во 2017 година.

Ова е најново купување во индустријата на медиуми, чија цел е зајакнување на стриминг услугите во конкуренцијата со „Netflix“ и „Disney+“. „AT&T“ и „Discovery“ на 17 мај соопштија дека ќе ги спојат своите медиумски компании за да формираат силна група која ги вклучува „HGTV“, „CNN“, „Food Network“ и „HBO“.

„Amazon“ не наведува колку луѓе го гледаат неговиот „Прајм видео сервис“, но пристап имаат повеќе од 200 милиони затоа што се зачленети во „Прајм“ членството на „Amazon“, преку кое добиваат побрзи испораки и други поволности.

Покрај „Prime Video“, „Amazon“ има и бесплатен стриминг сервис наречен „IMDbTv“, каде што Амазон заработува со пуштање реклами за време на филмови и серии.

Купувањето на студиото „MGM“ му овозможува на „Amazon“ пристап до дополнителни филмови, серии и познати ликови, како што се Роки, Робокоп и Пинк Пантер. „Amazon“ ќе го добие и кабелскиот канал „Еpix“во сопственост на MGM.

Познат по своето лого со лавот Метро-Голдвин Мејер (МGМ) е едно од најстарите холивудски студија основано во ерата на немиот филм, во 1924 година. Има долг список на класици што ги поседува, вклучувајќи го и „Singin’ in the Rain”, а меѓу поновите се вклучени телевизиските серии Shark Tank, како и новиот филм за Џејмс Бонд „No time to die” и филмот за Арета Френклин „Respect”.

Амазон има свое студио, но со него не го постигна очекуваниот резултат. Две од неговите телевизиски серии – „Marvelous Mrs. Maisel” и „Fleabag” добија Еми награди за најдобра комедија, но многу филмови слабо поминаа во кино салите.

Со ова купување, „Amazon“, која е веќе една од најмоќните и највредните компании во светот, ќе стане уште поголема.

Компанијата „Amazon“ е основана во 1995 година како онлајн книжарница и стана гигант вреден 1.600 милијарди долари, кој работи од сè по малку. Тој има мрежа за испорака што испраќа стоки до клиенти за два дена или помалку, продава инхалатори и инсулин, има бизнис со „клауд” кој го користат апликациите на „Netflix” и „McDonald’s“ и планира да испрати повеќе од 3.200 сателити во вселената за да обезбеди Интернет сервис во светот.

Видео на денот