АБА лигата без шампион, МЗТ повторно со „празни раце“

фото: https://druga.aba-liga.com/Petr Stojanovski

Најдобрата АБА лига следната сезона ќе се прошири за два клуба, од АБА2 учесници ќе бидат Борац од Чачак и Сплит.

После анализата на сите можни опции, конечно заврши Собранието на АБА лигата кое одлучи да ја поништи сезоната во сите свои натпреварувања (АБА1, АБА2 и У19 АБА).

Покрај големата желба да се дознаат победниците на терен, клубовите на прво место го ставија здравјето на играчите, навивачите, стручните штабови и сите кои учествуваат во организацијата на натпреварите.

Како што и се најавуваше, тоа денеска официјално доби потврда. Поради пандемијата на коронавирус, најдобрата АБА лига оваа сезона (2019/2020) завршува без прогласување на шампион.

Воедно нема испаѓање од АБА лигата која следната натпреварувачка сезона (2020/2021) ќе се прошири за два клуба од АБА 2 конкуренцијата.

Тие ќе бидат првоплaсираните две екипи во моментот на прекинот на сезоната во второлигашката АБА, oдносно екипите на Борац од Чачак и Сплит, и со нив елитата ќе брои 14 екипи.

Иако македонскиот претставник МЗТ Скопје Аеродром го обезбеди третото место сезонава во АБА2 и требаше да игра плејоф за учество во првата АБА лига, но уште една одлука сезонава, покрај домашното првенство, не заврши во полза на „металците“.

Одлучено е АБА2 лигата во сезоната 2020/2021 да брои 12 клубови, врз основа на резултатите во домашните првенства.

Сите шест земји во АБА лигата (Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија) ќе дадат два претставници. Во случај некои клубови од одредени земји не се пријават за сезоната 2020/21, празните места ќе ги пополнат со доделување на „вајлд кард“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот