ВИДЕО | Заврши „Еуфорија“ — креаторот на серијата откри дека Сидни Свини инсистирала на експлицитните сцени
По три сезони и седум години емитување, официјално заврши популарната серија „Еуфорија“. Во неделата вечер беше прикажана последната епизода со наслов „Во Бог веруваме“, а креаторот на серијата, Сем Левинсон, потврди дека станува збор за нејзиното финале. Последната сезона предизвика бројни реакции кај публиката, која на социјалните мрежи отворено го изразуваше своето незадоволство од одредени сцени. Особено внимание привлекоа експлицитните сцени со актерката Сидни Свини.
Препорачано
View this post on Instagram
Во интервју за „Њујорк тајмс“, Левинсон откри дека првично размислувал да ги намали или целосно да ги отстрани сцените со голотија на нејзиниот лик, Кеси Хауард. Во третата сезона нејзиниот лик отвора профил на платформа за претплатничка содржина, а режисерот сакал дел од приказната да ја сними без експлицитни кадри.
„Смешно е. Кога првпат го напишав тоа, си помислив: ‘Можеби можеме да го снимиме без голотија. Можеби постојат начини да се заобиколат одредени работи?’ А таа ме погледна и ми рече: ‘Се шегуваш? Играм модел што заработува преку таква платформа, а ти ми велиш дека ќе го заобиколиш тоа?’ Тогаш ѝ одговорив: ‘Во ред, тоа е сосема оправдана забелешка’“, раскажал Левинсон.
Тој ја пофали Свини, опишувајќи ја како „целосно бестрашна актерка“, нагласувајќи дека меѓу нив постои голема професионална доверба. Според него, таа секогаш доаѓала подготвена на снимањата и покажувала исклучителна посветеност кон улогата.
Приказната во третата сезона, во која Кеси отвора профил за да го финансира својот луксузен начин на живот и свадбата со свршеникот Нејт Џејкобс, кого го толкува актерот Џејкоб Елорди, поттикна бројни дебати меѓу гледачите. Левинсон објасни дека целта била да се истражи тој свет на автентичен, драматичен и повремено хумористичен начин, истовремено прикажувајќи ги амбициите и желбите на ликот.
Овие изјави доаѓаат во период кога сè уште се водат расправи за експлицитната содржина во серијата и режисерскиот пристап на Левинсон, кој дел од критичарите го опишуваат како заснован на машка перспектива.
Иако Свини не се огласи директно по повод коментарите на креаторот на серијата, кратко по финалето на сезоната објави фотографии од снимањето на Инстаграм со кратката порака: „Тоа се нарекува… глума“.
Разговорот за улогата што актерката ја имала во обликувањето на својот лик го истакнува сè поизразениот тренд на поголемо влијание на актерите во филмската индустрија, особено кога станува збор за снимање интимни сцени.
Во претходно интервју за списанието „Варајети“ во 2023 година, Свини го бранеше Левинсон и работната атмосфера на снимањето на „Еуфорија“, истакнувајќи дека никогаш не се чувствувала принудена да направи нешто што не го сака.
„Тука сум јас, тука е и Зендаја, како и многу други силни и независни жени. Ако не се чувствувавме удобно со нешто или ако видевме нешто што не ни се допаѓа, сигурно ќе проговоревме“, изјави актерката.


