Оскари / Фото: Michel Bourquard, Tsuni / USA / Alamy / Profimedia

Алармот на ФБИ за можни ирански дронови над Калифорнија ги исплаши организаторите на Оскарите

Американските власти предупредија на потенцијална закана од напад со дронови на западниот брег на Соединетите Американски Држави, но организаторите истакнуваат дека безбедноста на најголемата филмска вечер е под строг надзор, пренесува „Варајети“.

Безбедносните мерки во пресрет на годинашното доделување на Оскари се дополнително зајакнати откако Федералното биро за истраги ги предупреди властите во Калифорнија за можност од напад со дронови што би можел да го изведе Иран. Сепак, организаторите на церемонијата нагласуваат дека ваквите безбедносни подготовки се редовна практика и дека нема причина за паника.

Црвениот тепих веќе е поставен во Холивуд, каде се подготвува големата филмска вечер. Водител на церемонијата ќе биде комичарот Конан О’Брајан, кој заедно со новинари и членови на продукцијата учествуваше во подготовките за настанот што секоја година ги собира најголемите имиња од филмската индустрија.

Според информациите на Еј-Би-Си Њуз, Федералното биро за истраги во последните денови ги известило полициските служби низ Калифорнија дека Иран би можел да се обиде да возврати на американски воени акции со лансирање дронови кон западниот брег на САД.

Од Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес не сакаа да ги коментираат деталите од предупредувањето, но потврдија дека работат со „зголемено ниво на подготвеност“ и дополнителна претпазливост.

За безбедноста на учесниците говореше и извршниот продуцент на церемонијата Рај Капур за време на прес-конференција со креативниот тим на 98-тото издание на Оскарите.

„Имаме еден од најдобрите безбедносни тимови во индустријата. Секоја година ги следиме глобалните случувања и тесно соработуваме со ФБИ и полицијата на Лос Анџелес“, изјави Капур, нагласувајќи дека организаторите сакаат сите учесници и гледачи да се чувствуваат безбедно.

Според извори на „Варајети“, безбедносните мерки се засилени, но не се видливо наметливи за посетителите.

Инаку, 98-мото доделување на Оскари ќе се одржи во недела, на 15 март, во Долби театар во комплексот Овејшн, Холивуд, а церемонијата ќе се пренесува во повеќе од 200 земји низ светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот