Вучиќ вели дека разговарал со Путин: Го запознав со сојузот на Загреб, Приштина и Тирана
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека имал телефонски разговор со рускиот претседател, Владимир Путин. Тој вели дека имале исцрпен и содржаен разговор, во кој му се заблагодарил на Путин за продолжувањето на гасниот аранжман на три месеци, под многу поволни услови за Србија, пренесуваат српските медиуми.
Препорачано
„Тримесечното продолжување ѝ овозможува на Србија да купува гас според нафтената формула, односно по цена што е половина од моменталната пазарна цена. Цената на гасот за Србија, со тоа, останува значително пониска отколку во повеќето европски земји. Гасниот аранжман вклучува и флексибилност во снабдувањето, односно можност за купување количини поголеми од шест милиони кубни метри дневно, доколку се појави потреба. Во околностите на сложени геополитички околности и бројни предизвици на европскиот и светскиот енергетски пазар, од клучно значење беше за Србија да обезбеди сигурни услови за снабдување и долгорочна енергетска безбедност во наредниот период, имајќи ја предвид важноста на стабилното снабдување за нашата економија и граѓаните“ изјави Вучиќ.
Вучиќ прогласи победа на локалните избори во Србија – Слободен печат
Освен за продолжувањето на договорот за гас, Вучиќ вели дека со Путин разговарале и за други теми, при што рускиот претседател го прашал за Косово и Република Српска и дека размениле мислења за сите важни прашања.
„Го запознав и со сојузот на Загреб, Приштина и Тирана, разговаравме за сите теми“, рече Вучиќ.
Тој претходно изјави дека Србија добила продолжување на договорот за гас од Русија за уште три месеци по многу поволни услови.
Двајцата разговарале и за глобални политички прашања, вклучувајќи ја ситуацијата во Европа и Блискиот Исток, како и односите на Западен Балкан. Во оваа прилика, претседателот Вучиќ уште еднаш му се заблагодарил на претседателот Путин за „цврстиот став на Руската Федерација и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, во согласност со Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244“.
Двајцата претседатели размениле мислења за билатералните теми и напредокот на соработката во клучните области, како што се економијата, инфраструктурата, земјоделството, фармацевтската индустрија, информатичките технологии и вештачката интелигенција и енергетиката.
Вучиќ нагласи дека Србија ќе продолжи да води одговорна и сериозна политика, заштитувајќи ја стабилноста, економските интереси и безбедноста на граѓаните, а овој разговор со претседателот Путин, како што посочува тој, ја потврди важноста на директниот контакт и отворениот и конкретен дијалог за теми што се од непосредно значење за животот на луѓето и функционирањето на државата.


