Премиерот Мицкоски на прес конференција во Влада со претставници на синдикатите - Извор Влада

Владата и синдикатите договорија етапно зголемување на платите за 11.000 вработени во администрацијата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција по средбата во Владата со репрезентативните синдикати на администрацијата соопшти дека е постигнат значаен договор со синдикатите УПОЗ и САДУ, со кој се предвидува етапно покачување на платите за вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата. Планот предвидува вкупен раст на платите од речиси 40% во период до 2028 година.

„Ова е поширок пакет кој опфаќа околу 11.000 вработени. Владата, како најголем работодавач, воспоставува договор кој гарантира достоинствено ниво на плати. Ова е историски момент бидејќи досега никогаш не сме имале ваков долгорочен план за усогласување на примањата“, изјави Мицкоски.

Тој воедно оцени дека постигнатиот договор претставува храбар и историски чекор, но и напомена дека, како што Владата ќе го регулира зголемувањето на платите, така очекува и администрацијата да испорача подобри услуги за граѓаните и бизнисот.

Според Мицкоски, договорот треба да се операционализира преку индивидуални договори.

„Со ова, Владата, како најголем работодавач, целосно воспоставува договор со рок на траење до 2028 година и ги регулира односите со вработените во институциите. Ова е историски момент, бидејќи досега никогаш не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите со цел да се достигне достоинствено ниво. Ова се храбри чекори што ги правиме дури и во услови на светски и домашни предизвици кои влијаат на економијата, со домаќинско, зрело и одговорно работење“, истакна премиерот.

Тој потсети дека Општиот колективен договор е истечен, напоменувајќи дека Владата е подготвена да седне на маса со ССМ и КСС и да започне преговори за нов Општ колективен договор, како единствена алатка врз основа на која ќе се исплаќаат платите.

„Ваква вин-вин комбинација можеме да постигнеме со зрело работење и доверба, која мислам дека Владата ја има и ја гради со одредени структури во синдикатите, но има и структури кои никако да излезат од прегратките на одредени политички партии. Јас сум задоволен и очекувам уште многу вакви успешни моменти понатаму“, рече Мицкоски.

Деановски: По скоро две години го добивме тоа што го баравме и за кое преговаравме

Претходно претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски,  пред средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата на која присуствуваат и претставници од други репрезентативни синдикати на администрацијата, изјави дека по скоро две години, вработените во управата и правосудството успеале да го добијат тоа што го барале и за кое преговарале скоро две години.

-Ова барање УПОЗ го има истакнато пред повеќе од година и половина, скоро две години преговараме со Владата за ова, протестиравме, се прекинуваа договори еднострано за конечно повторно да седнеме на маса. Успеваме да го добиеме ова што го бараме со малку пониски проценти, но во вкупната слика ќе излезе дека ќе земаме повеќе од 30 проценти.  Од синдикалните организации што се изјаснија, 95 проценти рекоа да, да се потпишат овие индивидуални колективни договори, со што конечно ќе се затвори една проблематика за вработените во управата и правосудството. Ќе има начин на покачување плата онака како што се кажуваше во јавноста – ние баравме 30 проценти, а ќе земаме повеќе од 40 отсто што мислам дека е ок, изјави Деановски.

Тој напомена дека УПОЗ не е потписник на колективен договор, а во врска со членот за коефициентите, рече дека нема да има никакво бришење.

-Од колективен договор може да се откаже само тој што го потпишува, но и што и да се потпише Општиот колективен договор останува на сила. Општиот колективен договор останува на сила. Секој што мисли дека има поповолно право од тој Општ колективен договор, може да си покренува тужби во граѓанските судови. Треба да се знае дека со потпишување на овие колективни договори има поповолно право за платите на вработените во  управата и правосудството. Годинава порасна просечната плата за 9 отсто, а ние сега, со овие колективни договори, ќе земеме 13 – 15 отсто зголемување, изјави Деановски.

Пред него изјава за медиумите даде и претседателот Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски кој истакна дека тие се тука за да се потврди она што се преговарало скоро неполна година. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот