ВИДЕО | Пристигнува нова серија за Мајкл Џексон – во фокусот ќе бидат контроверзиите и обвинувањата за злоупотреба на деца
Новата триделна документарна серија „Мајкл Џексон: Пресуда“ (Michael Jackson: The Verdict) премиерно ќе биде прикажана на 3 јуни на Нетфликс, а во фокусот ќе го има судењето на Мајкл Џексон од 2005 година, во кое тој беше ослободен од обвинувањата за злоупотребување деца.
Препорачано
Серијата ги истражува обвинувањата поведени против поп-иконата во 2003 година, самото судење, како и огромниот медиумски интерес кој го следеше целиот судски процес.
Документарецот вклучува сведоштва на лица кои биле директно поврзани со случајот, меѓу кои се поротници, сведоци, обвинители и членови на одбраната. Низ трите епизоди се прикажани ставовите и на обвинителството и на одбраната во врска со случајот против Џексон.
Иако Џексон беше ослободен по сите точки од обвинението, интересот на јавноста за неговиот живот и правните битки продолжи и по неговата смрт во 2009 година.
Документарната серија е режирана од Ник Грин, додека извршна продуцентка е Фиона Стуртон. Филмските автори изјавија за платформата „Tudum“ дека сметаат оти сега е вистинското време за повторно разгледување на судењето и прашањата што останаа отворени, нагласувајќи дека на проектот му пристапиле како на историски приказ, презентирајќи ги фактите онака како што се одвивале во судницата.
„Поминаа 20 години од судењето на Мајкл Џексон на кое тој беше прогласен за невин. Па сепак, контроверзиите и денес продолжуваат да беснеат“, изјавија авторите.
Тие додадоа дека камерите тогаш не беа дозволени во судницата, поради што тогашните коментатори фрагментирано ги презентираа фактите и го обликуваа јавното мислење.
„Беше време форензички да се согледа судењето во целина“, порачаа филмските творци.
Авторите истакнуваат дека секој што е заинтересиран за приказната за Мајкл Џексон, преку овој документарец ќе добие увид во она што главно беше настан затворен за јавноста. Во рамките на серијата се интервјуирани и познати медиумски личности кои известуваа од судењето.
„Целта беше да ја внесеме публиката во самата постапка и да разговараме само со сведоците кои директно учествуваа во тие настани“, заклучуваат авторите.
Серијата е креирана од Дејвид Херман, кој воедно е и извршен продуцент заедно со Стуртон и Џејмс Голдстон. Продукцијата ја потпишува компанијата „Candle True Stories“.


