ВИДЕО: Класика во Рим, Ѓоковиќ против Надал за одбрана на титулата

Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на Мастерс турнирот во Рим, откако вечерва во полуфиналната средба го совлада Лоренцо Сонего со 6:3, 6:7 (5) и 6:2.

Во големото финале српскиот ас и актуелен шампион в недела ќе ги одмери силите против Шпанецот Рафаел Надал кој пак беше подобар од Американецот Рајли Опелка.

За Ѓоковиќ и Сонего ова беше втор меч во текот на денешниот ден, претходно триумфираа во своите четвртфинални мечеви кои од вчерашниот распоред поради дождот беа поместени за в сабота.

Во денешниот дуел Ѓоковиќ водеше со 1:0 во сетови и во вториот успеа да направи брејк при резултат 5:5. Следуваше гем во кој на свој сервис Ноле требаше да го заврши мечот во своја корист, но Италијанецот не се предаваше.

При 40:30 и меч топка за Србинот, Сонего успеа да го продолжи гемот, да спаси уште една меч топка која ја имаше Ѓоковиќ. Следуваше уште една, па втора брејк шанса и Сонего во последен момент тоа го искористи.

Во тај-брејкот Сонего беше подобар со 7:5, а во решавачкиот трет сет искуството си го направи своето, Ѓоковиќ го освои со убедливи 6:2 за поставување на конечниот епилог.

Видео на денот