ВИДЕО: Им се оствари сонот, параолимпијците од Авганистан пристигнаа во Токио

Момент за историја, сепак ќе се оствари сонот на Кудадади и Расули/Фото: EPA-EFE/Joel Marklund

Двајца спортисти од Авганистан пристигнаа во Токио (Јапонија), каде ќе се натпреваруваат на Параолимписките игри, објави денеска Меѓународниот параолимписки комитет.

Станува збор за Закија Кудадади, која ќе се натпреварува во пара-таеквондо и спортистот Хосаин Расули, кој ќе настапи на трката на 400 метри, пренесува „Кјодо“.

Иако претходно се најавуваше дека нема да настапат на Параолимписките игри, сепак ќе се оствари сонот за учесниците од Авганистан. Според соопштението, пречекот за авганистанските спортисти, кои беа евакуирани од нивната земја, беше „крајно емотивен“. Тие го напуштија Авганистан пред една недела и пристигнаа во Токио од Париз.

Авганистанскиот параолимписки комитет претходно објави дека двајцата спортисти нема да можат да се натпреваруваат во Токио, откако Талибанците ја презедоа контролата врз целата територија на таа земја. Во видео порака минатата недела, Кудади изрази желба да избега од Кабул и да го исполни својот сон да ја претставува својата земја на Параолимписките игри.

Меѓународниот параолимписки комитет претходно изјави дека не е безбедно двајцата авганистански параолимпијци да бидат префрлени во Јапонија, но неколку влади и организации успеале да им помогнат. Портпаролот на организацијата рече дека на медиумите нема да им биде дозволено да разговараат со нив за време на Игрите, со цел да се зачува нивното ментално здравје.

Кудади и Расули не учествуваа на свеченото отворање на игрите на 24 август, но во знак на солидарност, еден од волонтерите го носеше знамето на таа земја. Околу 4.400 спортисти од целиот свет, помеѓу кои и Оливера Наковска Бикова од Македонија, се натпреваруваат на Параолимписките игри во Токио.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот