Театарска рецензија на Весна Петрушевска за претставата „12“: „Дванаесетка“ е нашето колективно насилство
„Дванаесетка“ е новата епоха на МНТ
„12“ според „12 гневни луѓе“ на Реџиналд Роуз и „12“ на Никита Михалков; режија Синиша Ефтимов; продукција Македонски народен театар; премиера 20 ноември 2024; праизведба на текстот според адаптација на Синиша Ефтимов.
Препорачано
Класичната драма на Реџиналд Роуз, „12 лути мажи“, продолжува да комуницира со публиката, а неодамнешната претстава на која присуствував беше одличен пристап на овој безвременски драмски текст. Првично напишана во 1954 година, драмата ги истражува темите на правдата, предрасудите и моралната одговорност, што ја прави релевантна во овие времиња исто како во минатата епоха.

Сместена во една задушлива соба на поротата, претставата се одвива во реално време, фокусирајќи се на размислувањата на дванаесет поротници задолжени да одлучуваат за судбината на млад човек обвинет за убиство. Тензијата е опиплива уште од самиот почеток кога поротниците влегуваат во просторијата, секој од нив носи свои предрасуди и животни искуства во процесот на размислување. Драмскиот текст е стегнат, динамичен со остри дијалози кои ги откриваат сите недостатоци на човековата природа и малаксаниот судски систем. Минималистичкиот дизајн на сценографијата – со едноставна маса и дванаесет столици – служи за да се потенцираат интеракциите на ликовите и тежината на нивните одлуки. Дизајнот на осветлување и звук ефективно ја подобруваат атмосферата, суптилно одразувајќи го емоционалниот интензитет на наративот.
Улогата на поротникот 8, која ја игра Јордан Симонов е одиграна со мешавина на убедување и ранливост и тој полека но сигурно се претвора во морален центар на претставата. Способноста на овој актер да пренесе сомнеж и емпатија го прави овој силен случај за разумно сомневање, поканувајќи ја публиката да се вклучи со презентираните етички дилеми. Одмерен и настојчив кон задржувањето на пристојноста, која тој како лик, точно гледа дека ја нема во оваа задушлива соба.

Поротникот 3, кој го игра Тони Михајловски како антагонист, го игра со суров интензитет, каде сопствените лични предрасуди го движат неговото првично убедување. Портретирајќи го овој лик на Михајловски, кој е заканувачки и трагичен, тој ја отелотворува комплексноста на човек кој се бори со сопствените демони. Секој од нас поаѓа од сопствените стравови и демони, каде сопствената слободоумност ја затвораме во својата автоцензура. Во моментот кога тој ќе каже дека и неговиот син го удрил и бил насилен со него, тука се пали сијаличката за тоа како човекот релативизира дете, однос кон насилство и одговорност на која се согласил. Радост е да се гледа Михајловски на сцена, особено кога не се појавил подолго време и тоа не по своја вина, туку поради погрешна репертоарска политика, а неговиот талент го извезуваме во соседна Србија.
Поротникот број 9 е Сенко Велинов кој со таа негова поставеност на смирен и доследен актер просто сјае на сцената. Точно пласирање на реплики, енергија која функционира како вага од двете страни, оваа улога ви го стиска копчето за прецизна свест и точност. Верувате во секоја реплика која ја говори. Велинов е актер кој со својата харизма и доследност го држи вниманието од почеток до крај.

Во средиштето на оваа расправија стои еден постојано нервозен лик кој е на психотропни супстанции за време на целото дејствие, тоа е поротникот број 10 кој го игра Оливер Митковски. Тој е олицетворение на оние ужасни, полуписмени, агресивни ликови без покритие кои ја негуваат иритантноста без да бидат свесни за тоа. Митковски ја тера линијата на упорен и навидум доследен поротник во своето убедување. Активна актерска игра која и кога излегува вон собата за да оди во тоалетот и да консумира кокаин, недостасува на сцена. Таа негова психотичност која ја пренесува на сите останати 11 поротници е повеќе од очигледна.
Со самото појавување на поротникот број 2, кој го игра Гораст Цветковски, вам ви е јасно дека е прилагодлив карактер, кој игра на линија на одбегнување конфликти, но кој е секогаш тука ако некому му треба вода или гума за џвакање. Сервилноста и послушноста ја црта како лик кој често го сретнувате во животот и ви е смешен. Но, таа условна комичност има одговорност да одлучува за судбината на едно младо момче. Овој поротник е некој, кој, доколку е во вашето опкружување ќе го шуткате наоколу. Таа негова простодушност и извлекување на секоја одлука наведува на помислата дека поголемиот дел од луѓето и не знаат зошто се на оваа планета.
Никола Ристановски е суптилен и ненаметлив во првиот дел на претставата и внимателно ја влече својата линија на поротникот број 4. Неговата вештина како актер да врви низ состојбите кои ги генерира приказната е јасна и прецизна. Тука е кога треба и кога има задача која е важна во оваа соба. Неговата реконструкција ги повлекува конците на сталоженост и смиреност. Сомничавоста која ја игра од почеток до крај е евидентна и сигурно влегува во својата разумност, која ако не знаете да ја играте сигурно може да ви е здодевна. Тоа кај Ристановски го нема, сакате да го гледате на сцена и кога молчи и кога зборува.
Поротникот број 5 го игра Благоја Веселинов кој последниве две години се наметна како исклучително суптилен и точен актер. Кај него нема фалсети, високо рангирани звуци во репликите, неоправдани дејствија. Тој држи лекција за употреба на нож при убиства и тоа на школски начин. Тој го осветлува случајот и го оправдува разумниот сомнеж. Веселинов е актер кој би го посакале во секој кастинг на филм и во театар.
Александар Микиќ го игра поротникот број 6 кој стои и слуша цело време. Тоа негово слушање на целата ситуација ве мотивира да го гледате повеќеслојно затоа што игра разум, но не се наметнува. Игра нервоза, но не ја форсира. Игра мудрост, но не ја перчи. Таа негова лепеза е метафора на тргнување на постоечката смрдеа која се чувствува внатре во собата.
После неколку години се појавува Владо Јовановски во улогата на поротникот 11. Вистинска светлина е да се види повторно на сцена каде тој суверено владее со неговиот лик, наметнувајќи ја својата простодушност, како и тоа дека нема ама баш никаква врска географскиот топоним на потеклото. Сите сме од некаде, но кај овој лик тоа е повеќеслојно во намерите, гледањето на проблемот од неговиот ракурс како филтер на останатите.
Сашко Коцев е своевиден сценски феномен. Со самата негова појава чувствувате како целата публика е насочена кон неговата актерска игра. Оди дотаму што и самото мрднување на малиот прст, аналогно на Прислиевското прсте, води до егзалтација на публиката. Неговиот поротник број 12 го сместува точно и прецизно во тие 20 метри квадратни и многу му се брза. Тој е од оние ликови кои секогаш имаат работа, а највеќе имаат кога немаат работа. Го портретира ликот на маркетинг професија која и онака е изветвена и сеприсутна. Давањето значење на неважни информации кои ги проследува е коментар на неговата рамнодушност и општествена одговорност. Таа правна шуплина, Коцев ја игра маестрално.
Секогаш за бравурозните актери треба посебна опсервација и време тоа да се смири како доживување.
Ѓорѓи Јолевски маестрално го игра поротникот број 1, кој со својот актерски метод не попушта ниту во еден секунда. Тој е толку точен, прецизен што едвај чекате да пласира реплика. Кога е свртен со грб нему и грбот му говори реплики. Одржливоста на поротата ја игра токму тој, инсистирањето на донесување одлука и вриење на температурата е тој. Должноста да се биде вистинит и доследен ја игра катарзично. Јолевски не престанува во ниту еден момент и ја следи линијата на режисерот од почеток до крај. Тој е перспективата на режисерскиот израз на Ефтимов. Кога имате точен и јасен актер на сцена ништо не е излишно.

Игор Џамбазов во улогата на поротникот број 7 игра еден изветвен, стар, изморен лик со една забоболка која и вас ве боли кога него го боли. Кога тој кажува да се заврши работата и дека сето ова е губење време, ја буди нечовечноста кај човекот во тоа негово брзо затворање на проблемите. Точно знаете кој профил го игра Џамбазов и во тоа е вештината на големите глумци. Тука и сега да го донесат ликот на сцена е одлика само на големи актери. Леснотијата со која тој и Јолевски играат е час по актерска игра.

Синиша Ефтимов првенствено прави еден генијален потег, а тоа е што ги собира на ист простор и во исто време овие 12 актери на сцената на МНТ. Оваа медитација за правосудниот систем кој секако е американски, но тоа е важно само во описот, но намерата е единствена. Ефтимов веќе е етаблиран како режисер кој реализира хит претстави, но во оваа приказна влегува жестоко од повеќе аспекти. Без умешноста на режисер оваа претстава нема успех, како и без ставот на режисерот како коментар кон нечовечноста, насилството и грозоморноста на човековата природа. Ова е една смешна трагедија која провоцира горчливост и будност кон насилството. Свесно ги става на пиедестал неморалните, мрзливите, полуписмените владејачи на светот. Неговиот коментар е брутален и вистинит: луѓето замижуваат пред насилството и имаат потреба лесно да осудат некого на смрт без око да им трепне.
Музиката која е на „ПМГ“, каде членува и Ефтимов, функционира како производ на неговата емотивна состојба и коментар на светот во кој живее тој самиот.
Костимите на Александар Ношпал се функционални, ненаметливи, во секој од нив има по еден детал кој го дефинира ликот на сцена. Намерно одел кон земјени бои за да може да биде актерот во центарот. Ношпал важи за костимограф кој е бескрајно вљубен во актерите со кои соработува и затоа е секогаш точен и прецизен. Неговата блескава кариера врви низ европските сцени со полна пареа. Тоа што го имаме кај нас е привилегија.
Сценограф е Мартин Манев кој строго ја држи линијата на минимализмот и не игра повеќе од тоа. Тие се линиите на собата со слободно движење на актерите и каде може режисерот да си поигра со светлосните температури. Функционална и без непотребно украсување на сцена.
Оваа „12-ка“ ако немаше поддршка од првиот човек на МНТ, Никола Кимовски би била невозможна за реализација. Тоа што секогаш се потценува, тоа е таа менаџерската одлука „ова да тера до крај“.
Конечно МНТ после долго заспивање во ноќта се разбуди и ова е доказ, но и обврска следните претстави да се подобри. Оваа задача е тешка, но и предизвик. МНТ е тринаесеттиот поротник кој ја донесе вистинската одлука за театарската публика.


