Фото: Wikimedia Commons

Татко-полицаец од Тетово дал своја урина за синот уапсен за дрога, сега ќе одговараат двајцата

Ова е втор ваков случај во Тетово во еден месец – татко кој работи во полиција да заштитува син вмешан во трговија со дрога

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР соопшти дека поднел кривична пријава против полицаец од крим-полицијата во Тетово, Ф.Н., кој ќе одговара за кривичното дело „попречување на правдата“. На октомври, според Внатрешната контрола, полицаецот бил дежурен криминалистички техничар и работел на случај во кој двајца осомничени биле уапсени поради сомневање за трговија со дрога.

„​Во тој момент, Ф.Н. му овозможил на друг полициски службеник, О.С., кој тој ден не бил на работа, да се вмеша во целата постапка. Причината за ова била тоа што полицаецот О.С. е татко на еден од уапсените, И.С.“, пишува во соопштението.

​Внатрешната контрола утврдила дека Ф.Н. му дозволил на својот колега (таткото на уапсениот): да има целосен увид во службената документација, да располага со документацијата и да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува уапсените лица во постапката за прибирање на биолошки траги и да им земе примероци од урина, велат од МВР.

​Клучен доказ во истрагата било вештачењето на примероците од урина. Било потврдено дека примерокот што наводно бил земен од уапсениот И.С., всушност бил урина дадена од неговиот татко-полицаец. ​На тој начин, според Внатрешната контрола, Ф.Н. имал намера да ги уништи доказите и да го спречи и отежне докажувањето во кривичната постапка.

​Одделот за внатрешна контрола, покрај кривичната пријава, најави дека против Ф.Н. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и веќе му е изречена задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.

Ова е втор ваков случај во Тетово во еден месец – татко кој работи во полиција да заштитува син вмешан во трговија со дрога.

Скандал во Тетово: Таткото инспектор бришел докази против синот дилер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот