Студија откри: Популарниот додаток го зголемува ризикот од срцева слабост
Нарушувањата на спиењето, вклучително и несоницата, стануваат сè почести и можат да имаат значително влијание врз здравјето на срцето. Бројни студии ја потврдуваат поврзаноста помеѓу квалитетот на спиењето и кардиоваскуларното здравје – луѓето кои спијат лошо се посклони кон развој на срцеви проблеми, додека луѓето со постоечки срцеви болести често страдаат од несоница. Токму затоа многумина посегнуваат по додатоци кои треба да им помогнат полесно да заспијат и да одржат квалитетен сон.
Препорачано
Еден од најпопуларните вакви додатоци е мелатонинот, хормон што телото природно го произведува за регулирање на циклусот спиење и будење, но во слободна продажба се нуди во различни дози. Сепак, новото истражување откри дека возрасните со несоница кои земале мелатонин најмалку една година имале повисоки стапки на срцева слабост, хоспитализации и смрт во споредба со оние кои не го користеле.
Иако студијата не докажува дека мелатонинот ги предизвикал овие исходи, таа предупредува на потенцијален ризик бидејќи често се зема долгорочно без лекарски надзор, објавува „Јади добро“ (EatingWell).
Истражувањето анализирало повеќе од 130.000 возрасни лица со дијагноза со несоница, користејќи податоци од меѓународната база на податоци ТриНетИкс (TriNetX), која вклучува болнички и клинички записи. Споредени се две групи – луѓе кои имале документирана употреба на мелатонин повеќе од една година и оние кои немале.
Резултатите покажале дека 4,6 отсто од долгорочните корисници развиле затајување на срцето, во споредба со 2,7 отсто кај оние кои не земале мелатонин. Хоспитализациите биле значително почести кај корисниците (19 отсто наспроти 6,6 отсто), а смртните исходи биле забележани кај 7,8 отсто од корисниците, во споредба со 4,3 отсто кај корисниците кои не земале додатоци во исхраната.
Експертите напоменуваат дека индивидуалниот ризик останува релативно мал, но со оглед на широката употреба на мелатонин, дури и мало зголемување на ризикот е важно на ниво на популацијата. Студијата покажува поврзаност, а не директна причина, бидејќи луѓето кои го земаат долгорочно може да имаат потешки форми на несоница, нелекувана апнеја во сонот или други здравствени проблеми кои влијаат и на сонот и на срцето.
Сепак, заклучокот на истражувачите е јасен – иако повеќето корисници нема да развијат сериозни компликации, додатоците како што е мелатонинот треба да се земаат внимателно и со совет со стручно лице.


