„Стоп за Усје“: Бараме независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на воздухот
Поради, како што велат, континуираниот молк и неефикасноста на институциите во справувањето со загадувањето на воздухот, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ повторно најави излегување на улица. Активистите информираат дека на 21 јануари, со почеток во 18 часот, ќе организираат мирна граѓанска блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, во правец кон индустрискиот капацитет Усје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Или ќе излеземе сите – или ќе нè снема еден по еден. Излези, затоа што воздухот нема да се исчисти сам“, порачуваат од иницијативата, потенцирајќи дека протестот е мотивиран од долгогодишната загриженост за здравјето на граѓаните, а особено на најмладите.
Пластика, земјоделски и текстилен отпад гореле во печките на „Титан Усје“
Од „Стоп за Усје“ бараат поставување независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на квалитетот на воздухот. Сè додека тоа не се реализира, велат дека нема да им веруваат на тврдењата дека фабриката не придонесува за загадувањето.
„Здравјето мора да биде пред профитот. Кога институциите не постапуваат, граѓаните се должни повторно да го кренат својот глас“, истакнуваат активистите.
На обвинувањата реагираа и од „ТИТАН Усје“, од каде што нагласуваат дека фабриката работи согласно домашната законска регулатива и А-интегрираната еколошка дозвола, која, како што велат, предвидува 24-часовен независен мониторинг на емисиите. Според компанијата, податоците од мерењата се јавно достапни, а граничните вредности што ги применуваат се построги од законски пропишаните.
„Во изминатите шест години инвестиравме над 36 милиони евра во заштита на животната средина, од кои 4,5 милиони евра се директно насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот“, соопштуваат од компанијата.
Од „ТИТАН Усје“ додаваат дека анализите покажуваат оти и во периоди кога фабриката не работи, квалитетот на амбиенталниот воздух е сличен, што, според нив, укажува дека главни извори на загадување се греењето на домаќинствата, сообраќајот и други урбани фактори.


