Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Пластика, земјоделски и текстилен отпад гореле во печките на „Титан Усје“

Фабриката „Титан Усје“ за производство на енергија користела биомаса, лушпи од ориз и кафе, селектиран отпад од текстилната индустрија, како и отпад од пластика што не може повторно да се употреби или рециклира, информираше директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, на денешната прес-конференција во Владата.

Никоски детално ја објасни историјата на А интегрираната еколошка дозвола на „Титан Усје“ и додаде дека на крајот од 2018 година фабриката „Титан Усје“ започнала со користење алтернативни горива како замена за фосилните горива, со стапка на замена до 15 отсто.

– На крајот од 2018 година, „Усје“ почнува да користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена до 15 отсто. Алтернативните горива се од цврст отпад, биомаса, земјоделски отпад, оризова лушпа, од одредени отпади од текстилната индустрија, и согласно годишниот извештај за животната средина од 2024 година, не се увезувани алтернативни горива за користење поради забраната на увоз на отпад за енергетски цели, наведено во Законот за отпад. Во 2024 година се користеле: биомаса, лушпи од ориз и кафе, селектиран отпад од текстилна индустрија, отпад од пакување што не може да се рециклира како и отпад од пластика што не може повторно да се користи и да се рециклира – изјави Никоски.

Според него, употребата на алтернативните горива е дел од препораките за најдобри достапни практики во цементната индустрија и е „поврзана со принципите на циркуларната економија, со цел намалување на користењето необновливи фосилни горива и редукција на емисиите на стакленички гасови“.

Не велиме дека „Усје“ не загадува, но не утврдивме неправилности, тврди Инспекторатот за животна средина

Цементарница „Усје“ е голема индустриска постројка за производство на цементен клинкер во ротациони печки, со капацитет над 500 тони дневно, појасни тој, која уште во 2007 година поднела барање за А дозвола за усогласување со оперативен план, добиена во 2011 година. Во 2013 година, тврди Никоски, е издадена интегрирана А дозвола за усогласување со оперативен план, во која е одобрено користење на алтернативни горива.

– Претходно „Усје“ подготвува детална студија за оцена на влијание врз животната средина и добива решение за издавање согласност за студија за оцена на влијание на животната средина за проект за воведување алтернативни горива во „Усје“ во 2012 година. По спроведување на целосната постапка, во 2020 година е издадена А интегрирана еколошка дозвола — изјави директорот на Управата за животна средина.

Како што појасни Никоски, дозволата важи седум години и „Усје“ е обврзана најдоцна до 12 март 2026 година да поднесе барање за нејзино обновување, постапка што ќе вклучи законски услови, учество на јавноста и примена на најдобрите достапни техники, вели тој, при што како насока може да се земе и новиот Закон за индустриски емисии донесен во септември 2025 година, иако неговата примена започнува во 2027 година.

Не е само Цементарница, вели Ѓорѓиевски – има и други што треба да се селат од Скопје

Во однос на емисиите, Никоски објасни дека во „Усје“ постојат вкупно 12 емисиони точки во воздухот – две од парниот котел, две од ротационите печки, две од ладилникот на клинкерот, четири од мелниците за клинкер и две од мелниците за гориво. Отпадните гасови и прашината од процесот на согорување минуваат низ филтри со вреќи, по што се испуштаат во атмосферата.

На прес-конференцијата се обратија и портпаролката на Владата, Марија Митева, и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, која тврди дека инспекторите не откриле неправилности во „Титан Усје“.

Мицкоски за „Усје“: Владата ќе ги разгледа заклучоците на Советот, па ќе постапи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот