Не велиме дека „Усје“ не загадува, но не утврдивме неправилности, тврди Инспекторатот за животна средина
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, тврди дека „не е во ред да го впериме прстот во една инсталација бидејќи загадувањето е децениски проблем“.
И покрај одлуката на Советот на Град Скопје за иницијатива за дислокација на цементарницата „Титан Усје“, Државниот инспекторат за животна средина „не утврдил неправилности во работењето на фабриката“.
Препорачано
Ова беше порачано на денешната прес-конференција на Владата, на која зборуваа портпаролката Марија Митева, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски.
Одговарајќи на новинарско прашање како Владата планира да постапи кога постои одлука од Град Скопје за дислокација, а нема утврдени прекршувања, портпаролката на Владата, Марија Митева, повтори дека препораките на локалната самоуправа не значат автоматска извршна одлука.
— Едно е што ќе се донесе како препорака и одлука во Советот на Скопје, но друго е како Владата решава што ќе се прави — рече Митева, додавајќи дека Владата ќе ги „види сите можности на располагање“.
Сепак, од изјавите не произлезе конкретен механизам или рок во кој Владата би донела одлука, ниту, пак, одговор што се случува ако институциите со години утврдуваат дека фабриката е „во рамки на дозволата“, а загадувањето останува хроничен проблем.
Не е само Цементарница, вели Ѓорѓиевски – има и други што треба да се селат од Скопје
Гиновска: Не се утврдени неправилности кај „Титан Усје“
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, презентираше обемни бројки за инспекциските активности – 1.700 надзори во 2025 година, над 30 прекршочни и четири кривични постапки – но ниедна од тие постапки не се однесува на „Титан Усје“. Таа не посочи кои се правните субјекти кои се предмет на постапките.
— Од 1 ноември до 1 јануари се спроведени над 55 инспекциски надзори на територија на целата држава во инсталации каде што има влијание врз животната средина преку емисии во воздухот, издадени се 20 решенија и 3 забрани за работа — изјави Гиновска.
ВИДЕО | Густа магла во главниот град: И утрово Скопје меѓу најзагадените градови во Европа
Само во 2025 година, тврди таа, во цементарницата биле извршени шест инспекциски надзори, од кои дел биле и ненајавени и вечерни. Последните вонредни инспекциски надзори се извршиле на 18 ноември 2025 година во 22 часот, со инспектор од Животна средина од Град Скопје, вели Гиновска, и на 18 декември со инспектор за животна средина од Кисела Вода.
— Со сите надзори не се утврдени неправилности кај работењето на овој правен субјект. Изминатиот период имавме вечерна ненајавена контрола со инспектори од внатрешноста и со потпишувачите на дозволата од Управата за животна средина. Реализирани се и ненајавени вонредни мерења на емисиите воздухот со Лабораторијата за животна средина при Министерството за животна средина, заедно со претставници од Управата за животна средина. Секој месец „Усје“ доставува до инспекторатот месечен извештај за емисиите на воздухот од сите емисиони точки, доставува и извештаи од мерења од акредитирана лабораторија — изјави Гиновска.
Таа нагласи дека Инспекторатот нема ингеренции да врши мерења, да издава дозволи или да проценува штети и додаде дека „за одземање на дозволата треба да има 3 последователни прекршоци утврдени од Државниот инспекторат за животна средина“.
„Не велам дека фабриката не загадува“
Гиновска наведе дека, според експертско истражување на пет градови во Македонија, најголемите загадувачи во Скопје се домаќинствата и сообраќајот, па дури потоа индустријата. Таа додаде дека не е во ред да се покажува со прст само кон „Усје“.
— Не е во ред да го впериме прстот во една инсталација. Сега се вперува прстот, каде што имавме само три дена позагаден воздух од претходните години. Сведоци сме дека проблемот е децениски, сметам дека не е во ред да го впериме прстот во една инсталација— рече таа, додавајќи дека „Усје“ таму постои со години, а загадувањето е децениски проблем.
Гиновска, сепак, објасни оти не тврди дека „Усје“ не загадува.
— Не реков дека „Цементара“ не загадува или дека другите 40 субјекти со А дозволи не загадуваат. Половина од индустриските капацитети работат зимскиот период, а интегрирани еколошки дозволи имаат и асфалтните бази кои поради временските услови не работат, па не допридонесуваат со емисии во воздухот, со загадување, овој период. Последното известување од „Усје“ е добиено на 20 декември 2025 година, дека имаат ремонт на печка 4 и дека работат со 50 отсто капацитет. Тоа обично го прават зиме бидејќи побарувачката е помала и вршат ремонти на печките 3 и 4 — рече таа.
Мицкоски за „Усје“: Владата ќе ги разгледа заклучоците на Советот, па ќе постапи


