Титан Усје: Печките во зима се сервисираат, а работат во „полна пареа“ секое лето, кога воздухот е најмалку загаден
На неколку часа пред почетокот на најавената блокдата на Цементарница, од „Титан Усје“ по вторпат се огласија и демантираа дека се одговорни за загадувањето во Скопје и информираа декатехнологијата која се применува во фабриката е рамо до рамо со најдобрите компании во Европската Унија.
Препорачано
„Целосно ја разбираме загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во градот, но нашата компанија не е причина за тоа. Напротив, „Титан Усје“ работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во „Титан Усје“ соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија. Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон „Титан Усје“, кои се невистинити и не се засноваат на факти и на научни податоци“, велат од компанијата.
Оттаму сметаат дека компанијата повторно се користи како изговор за напади, а причините за загадувањето, како што велат, треба да се бараат на друго место и додаваат дека квалитетот на воздухот е под силно влијание од метеоролошките услови.
„За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место. Научните истражувања, направени од независни домашни и странски експерти, покажуваат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопската котлина е под силно влијание на метеоролошките услови (струење на воздух, висока влажност, температурна инверзија и сл.), а од антропогените фактори влијанијата од индустријата имаат помало влијание од затоплувањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено“, велат од компанијата.
Во соопштението потенцираат дека „Титан Усје“ е постојано под надзор на Државниот инспекторат за животна средина, од каде изминатиов период имале неколку увиди, дел најавени, дел спонтани.
„Работата на „Титан Усје“ е континуирано контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Последниот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А – Интегрирана еколошка дозвола, беше извршен на 18 декември 2025 година, при што инспекцијата повторно утврди дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. Исто така, на 18 ноември годинава во ноќните часови имаше ненајавен инспекциски увид од страна на оваа институција и тогаш беше констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки“, се наведува во соопштението.
Од компанијата велат дека токму во зимските месеци, кога воздухот е најзагаден, печките не работат бидејќи на нив се врши редовен ремонт, додека пак тие работат во „полна пареа“ во лето, кога воздухот во Скопје е најмалку загаден.
„Имено, во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување. Резултатите од мерењата го потврдуваат овој факт.Сите досегашни јавно достапни научни истражувања и студии покажуваат дека индустријата не е меѓу главните причинители на лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје. Потврда на тоа е и фактот дека загаденоста во овој период е голема и во други градови во земјата, каде што нема индустрија“, тврдат од компанијата.
Исто така, оттаму ги демантираа информациите дека печките работат без филтри, потенцирајќи дека филтрите се неразделив дел од, како што велат, производната линија.
„Титан Усје“ поседува А – Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно оваа дозвола, УСЈЕ има обврска да врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди кои се транспонирани во националното законодавство. Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични Вредности на Емисии. Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите“, велат од „Титан Усје“.


