Симовски: Бевме супер на ЕП – Франција и Полска можат до финале!

Во вторникот завршија четвртфиналните средби, по што ги дознавме и официјално сите четири репрезентации кои ќе се борат годинава за титулата на Европското одбојкарско првенство 2019.

Јовица Симовски, кој ова лето направи трансфер во редовите на одбојкарскиот клуб Вардар, и воедно поранешен репрезентативец на Македонија им честита на своите колеги од националната репрезентација за одличниот настап на дебитантскиот настап на европските шампионати.

cev.eu

Според досегашните најави избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ со учинок од две победи и три порази го освоија 17 место од 24 селекции.

– Прво би им честитал на моите другари и колеги од репрезентацијата за одличната игра и презентација на Европското првенство. Супер беа и направија „екстра“ резултат. Едноставно браво. Што се однесува до учесниците во полуфиналето, мислам дека тука изненадување е само Словенија која ја совлада Русија. Другите репрезентации дефинитивно се очекуваше дека ќе бидат тие. За мене Русија од самиот почеток беше фаворит, но Словенците одиграа супер натпревар и заслужено поминаа понатаму. Мислам дека во финалето ќе бидат Франција и Полска – ни изјави Симовски.

cev.eu

Полуфиналето помеѓу селекциите на Србија и Франција е закажано за в петок (27 септември) во Париз од 21.00 часот. Србија од 2007 година како самостојна држава на континенталните собири има едно злато и два сребрени медали, а Французите имаат вкупно седум медали, еден златен освоен пред четири години.

– Од сите овие играчи на Франција, дел од нив играа со мене, а други како противници. Имаат еден исклучителен квалитет и играат буквално без грешка! Тоа е нивната сила. Плус играат на домашен терен и мислам дека финалето ќе биде навистина голема борба и уживанција за гледање. Не верувам дека Србите можат повеќе од ова. Се гледа дека не се толку убедливи после промената на селекторот Грбиќ. Воедно нивната комуникација и не е баш на некое ниво, кога селекторот зборува има играчи кои стојат на страна и подалеку на 3-4 метри – додаде Симовски.

twitter.com/FIVBVolleyball

Претходно првата полуфинална средба на евро шампионатот ќе се игра в четврток (26. септември) од 20.30 часот помеѓу репрезентациите на Полска и Словенија во арената „Стожице“ во Љубљана. Полјаците во својата историја досега се закитиле со осум медали, пред точно една деценија во Измир ја освоија единствената европска титула, додека Словенците досега имаат само едно сребро од 2015 година.

– Словенците играат супер и имаат квалитет, но мислам дека ова е нивниот максимум. Сепак Полска со Вилфредо Леон во своите редови делува доминантно и надмоќно – заврши Симовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот