Грчките власти денес усвоија нов сет на мерки поради коронавирусот кои опфаќаат некои веќе познати правила но носат и нови забрани пред претстојната сезона.
Според најновите одредби, не само што е ограничен бројот на луѓе кои истовремено можат да престојуваат на иста локација, туку е регулирано и минималното растојание меѓу лежалките и чадорите за сонце.
Значи, доколку планиравте летото да го поминете на некоја од многубројните грчки дестинации, морате, меѓу останатото, да имате во предвид дека од денес е дозволено на површина од илјада метри квадратни да има максимално 40 луѓе, со тоа што чадорите мора да бидат на растојание од четири метри.

Но, тука не е крајот на грчките „математички пресметки“ – чадорите покрај тоа треба да бидат поставени да исполнат минимум еден метар дистанца од сенката.
Под чадорот за сонце дозволено е да бидат поставени само две лежалки на растојание од 1,5 метри, а тоа правило нема да важи за семејствата со мали деца.
Усвоена е забрана за сите тимски спортови кои подразбираат близок контакт, како и низа на мерки за сите ресторани во кои уживавте во изминатите години.

Меѓу останатото, музиката е целосно забранета, како и организирањето на журки и подолгото задржување во угостителските објекти. Од друга страна, дозволена е достава на пакет производи до лежалките, но сите продукти мораат да бидат во пакувања предвидени за нивната дистрибуција и консумација, па така од напитоци ќе бидат дозволени кафето, соковите и слично на тоа, пишуваат грчките медиуми.
Минималното растојание меѓу муштерија и вработен мора да биде 1,5 метри, а сите вработени мора да носат заштитни маски.

Компаниите кои нема да ги почитуваат овие мерки или пак се огласат за некои од нив, во зависност од проценката колку голем ризик претставувале по јавното здравје, ќе бидат казнувани со парични казни во износ од 5 до 25 илјади евра, како и забрана за работа во период од 15 до 20 дена.