ТФТ, Маџари и Чаир останаа без лиценца за новата кошаркарска сезона
Во рамките на процесот на лиценцирање за натпреварувачката сезона 2026/2027, Кошаркарската федерација на Македонија за првпат воведе систем на лиценцирање кој, покрај организациските и техничките критериуми, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина.
Препорачано
Сите клубови беа навремено и писмено информирани за условите, роковите и обврските кои произлегуваат од Правилникот за лиценцирање. Дополнително, федерацијата обезбеди повеќе поволности и олеснувања со цел клубовите да можат навремено да ги регулираат своите обврски.
Крајниот рок за исполнување на финансиските критериуми беше 15 јули 2026 година. За жал, и покрај обезбеденото време, укажувањата и можностите што им беа ставени на располагање, три клуба не ги исполнија предвидените финансиски услови во утврдениот рок:
– КК ТФТ – Скопје
– КК Маџари – Скопје
– КК Чаир – Скопје
Поради тоа, а имајќи ја предвид обврската за еднаква примена на правилата кон сите учесници во натпреварувањето, Кошаркарската федерација на Македонија не е во можност да им издаде лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/2027.
Оваа одлука не е насочена против ниту еден клуб, туку претставува доследна примена на Правилникот за лиценцирање и принципите на финансиска одговорност и еднаков третман на сите клубови. Само со почитување на правилата, финансиска дисциплина и еднаков однос кон сите можеме да создадеме стабилен, одржлив и кредибилен систем кој ќе придонесе за понатамошен развој на македонската кошарка.
Напоменуваме дека ова соопштение се однесува исклучиво на процесот на лиценцирање на клубовите кои ќе се натпреваруваат во највисокиот ранг на натпреварување во сезоната 2026/2027.
Во однос на останатите натпреварувачки категории, Комисијата за лиценцирање во моментов ги прибира и обработува потребните информации и документација. По завршувањето на постапката, кошаркарската федерација на Македонија во најкраток можен рок ќе ја информира јавноста и клубовите за состојбите и донесените одлуки и за тие натпреварувања.


