Само две општини издале решенија за уривање трафики, некои уште не почнале со мапирање
По добивањето на решенијата, законскиот рок за отстранување варира во зависност за која општина се работи, но генерално рокот трае од три до десет дена од добивањето на документот, период во кој сопствениците имаат право на жалби, кои се најголемата причина поради која постапките се бавни.
Скопските општини со различно темпо влегоа во меѓуопштинската акција на локалните самоуправи и Градот Скопје за мапирање и уривање на дивите времени објекти поставени по тротоарите, пешачките патеки, покрај пешачките премини и велосипедски патеки, кои со години ги узурпирале јавните простори низ главниот град.
Препорачано
Како што соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во неговата најава за оваа акција, досега се предвидени отстранувања на 60 до 80 објекти од овој тип, за кои тој појасни дека се диви, односно низ годините биле изградени без соодветна документација.

Во однос на легализирањето на овие објекти, Ѓорѓиевски отсечно одговори дека сите барања за легализација на тобака и други објекти ќе бидат одбиени. Законот за легализација не важи за времените објекти.
– Вие не можете да дозволите на булевар да се легализира времен објект и согласно закон не може да се легализира времен објект. Во минатото се менувале и урбанистички планови за овие објекти да останат недопрени. Сите барања за легализација на времени објекти ќе бидат одбиени – изјави градоначалникот.
Градот само помага, општините се „моторот“
Ѓорѓиевски додаде дека решенијата за отстранување веќе започнале да се доставуваат и наскоро ќе започне уривањето на овие објекти, по што „Слободен печат“ испрати прашања до Градот во однос на тоа колку решенија се досега издадени и кога ќе почнат уривањата.
Оттаму ни одговорија дека Градот не ги издава решенијата бидејќи нема градежна инспекција, односно дека поголемата работа во оваа операција всушност ја вршат општините.
– Решенијата за отстранување ги издаваат градежните инспекции на општините. Град Скопје не издава решенија поради тоа што нема градежна инспекција согласно сегашната законска регулатива и поради тоа не располагаме со точен број издадени решенија. Градот не располага со детална распределба по општини, туку обезбедуваме логистичка поддршка преку договор за меѓуопштинска соработка – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.
Според овој одговор, општините се задолжени да ги мапираат овие диви објекти, точниот број да го споделат со Град Скопје и потоа да ги врачат решенијата за отстранување.
По добивањето на решенијата, законскиот рок за отстранување варира во зависност за која општина се работи, но генерално рокот трае од три до десет дена од добивањето на документот, период во кој сопствениците имаат право на жалби, кои се најголемата причина поради која постапките се бавни.
Еден објект го „преживеа“ уривањето на кејот на Вардар, но наскоро и него ќе го нема
Конечно, кога ќе поминат законските рокови и кога ќе завршат овие судски постапки, дури тогаш градската механизација влегува во логистичка поддршка, односно започнува со рушење, слично како отстранувањето на повеќето времени објекти распоредени покрај кејот на Вардар, спроти „Холидеј ин“, каде поради судски процеси, последни денови брои само уште еден објект, кој остана „цел“.
Последната процена на Градот за објекти што „стрчат“ и треба да се отстранат порасна за десетина објекти и денеска изнесува помеѓу 70 и 90.
– Според достапните информации од општините, досега се евидентирани приближно од 70 до 90 времени објекти. Регистарот на ваквите објекти го водат самите општини поединечно – велат од Град Скопје.
Кисела Вода најбрза, во Чаир изгледа ќе страда само „Али тобако“
„Слободен печат“ ги контактираше локалните самоуправи и од нив доби различни одговори во однос на тоа дали започнале се мапирање, колку решенија досега се издадени и колкав е рокот по кој можат да започнат да ги отстрануваат.
Единствено Кисела Вода се истакнува како најбрза и највредна самоуправа во однос на останатите, земајќи предвид дека веќе завршиле со мапирањето на диви објекти и досега издале шест решенија за отстранување.
– Во Општина Кисела Вода се мапирани времените објекти и во моментов, стручните служби вршат теренски увиди со цел прецизно утврдување на фактичката состојба, по што се пристапува кон изготвување на соодветни решенија. До овој момент, во рамките на овие активности, веќе се издадени 6 решенија за отстранување – информираа од Кисела Вода.
Во однос на рокот за отстранување, оттаму изјавија дека багерите можат да „заиграат“ три дена по доставувањето на решението, но како фактор што ги забавува процесите ги потенцираа жалбите на сопствениците.
– Според важечките законски прописи, рокот за отстранување е 3 дена, но, ве информираме дека кај најголемиот дел од веќе донесените решенија, сопствениците го искористиле своето право на правен лек, односно имаат поднесено жалби – велат од Општината.
Зад Кисела Вода е Општина Чаир, каде наизглед под „скалп“ ќе оди само тобакото со кое Ѓорѓиевски ја најави оваа голема акција – „Али тобако“, сместено на тротоар кај Бит-пазар, земајќи предвид дека само тој објект е мапиран и само за него Општина Чаир има започнато постапка.
-Општина Чаир постапува според законските надлежности и во координација со Градот Скопје во однос на отстранување на времени објекти. Во моментов е донесено решение за еден објект во реонот на Бит-пазар, за кој постапката се спроведува согласно важечките законски процедури и утврдените рокови – одговорија од локалната самоуправа.
Аеродром и Карпош не мапираат сами, чекаат Градот да им каже кои објекти „стрчат“
Општина Аеродром, пак, иако изминатиов период е најактивна во однос на инспекциите на објектите, санкционирање за бучни локали, валкани градилишта и диви објекти, во однос на оваа акција работите веројатно малку се измешале во комуникацијата со Град Скопје, земајќи предвид дека од Аеродром чекаат Градот да ги мапира дивите тобака, а од Градот велат дека тие не го вршат мапирањето на овие објекти.
– Општина Аеродром редовно ги контролира објектите и во соработка со инспекциските служби постапува на терен, доколку се утврди некоја неправилност или постои објект без соодветно одобрение. Отворени сме за соработка со Град Скопје и доколку Градот Скопје мапира објекти кои треба да се отстранат, ќе спроведеме соодветна инспекциска постапка во согласност со позитивните законски прописи – брифираат од Општината.

Општина Карпош исто така информираа дека службите од Градот треба да ги мапираат дивите објекти што треба да се рушат, а потоа Општината на сопствениците ќе им ги врачи решенијата за отстранување, а тоа може да го изврши по осум дена по приемот на документот.
-Во соработка и договор со Град Скопје, стручните служби од Градот ќе ги мапираат локациите каде што се наоѓаат објектите за отстранување. Законскиот рок за отстранување на објектите, ќе биде осум дена од приемот на решението. Инаку, станува збор за времени објекти со одамна истечени дозволи за поставување- велат од Општина Карпош.
Не започнало мапирање ниту во Центар, Сарај е „чист“ од диви времени објекти
Од останатите Општини, Центар сè уште не успеала да ги мапира дивите објекти што треба да се уриваат, па затоа и нема издадено ниту едно решение за отстранување, а кај нив рокот за уривање времени објекти варира од три до десет дена откако сопствениците ќе го добијат решението, во зависност од конкретниот случај.
Слична е ситуацијата во Сарај, каде исто така воопшто не биле мапирани објекти од овој тип кои узурпираат јавни површини и треба да се отстранат, додека пак од Општините Ѓорче Петров, Гази Баба и Шуто Оризари до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор на оваа тема.

Сите локални самоуправи од кои добивме одговор беа концизни во однос на евентуално исплаќање паричен надоместок за сопствениците на дивите објекти и одговорија дека овие објекти се диви и нелегални, узурпираат јавни површини и нема основ по кој би добиле парично обесштетување.
Во Центар, пак, доколку сопствениците на времени објекти откако ќе го добијат решението сами не го отстранат времениот објект, должни се од свој џеб да ги покријат трошоците за неговото рушење.
Според податоците од поголемиот дел од Општините, можеме да забележиме дека рушењето на дивите тобака веројатно ќе биде побавен процес од очекуваното, земајќи предвид дека некои локални самоуправи сè уште не ги мапирале објектите кои се нелегални, а први на листата најверојатно ќе бидат дивите објекти во Кисела Вода, чии служби веќе во поголем дел ги завршиле своите обврски.


