Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Еден објект го „преживеа“ уривањето на кејот на Вардар, но наскоро и него ќе го нема

Неизбежни за окото на минувачите што шетаат во овој дел од кејот се и „преродените“ дрвени куќарки што со години беа запустени, оштетени и тотално нефункционални. Тие денес се „освежени“ со нова боја и имаат модерен изглед, а дел од нив веќе и се отворени за љубителите на книги

Откако во петокот наутро почна уривањето на десетината бараки сместени покрај кејот на реката Вардар, од хотелот „Холидеј ин“ кон трговскиот центар „Џамбо“, утринава можеше да се забележи дека по големата градежна офанзива има една „преживеана“ зелена барака, која остана недопрена од надлежните, што создаде дилема зошто токму овој објект е посебен или, пак, „недопирлив“.

ФОТО | Толку од „Пласет“ и од кафеаните покрај кејот на Вардар: Се уриваат бараките од „Холидеј ин“ кон „Веро Џамбо“

Земајќи предвид дека Градот нема градежна инспекција, факт добро познат во јавноста по повеќемесечните онлајн препукувањаo и герила акции на ексградоначалничката на Скопје Данела Арсовска во, како што велеше таа, борбата со дивоградбите во Чаир, интересно беше како сега Град Скопје може да урива објекти и да дава известувања со рокови пред уривање.

Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Срушени трафики на кеј 13 Ноември – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Токму овие прашања ги пративме до Град Скопје, од каде што ни одговорија дека предводник во оваа акција била Општина Центар, додека, пак, Градот учествувал само како логистичка поддршка во вид „меѓуопштинска соработка“, што било претходно изгласано од Советот и е новитет во дејствувањето на локалните самоуправи, а веројатно ќе продолжи како практика во иднина.

– Ве информираме дека постапката ја спроведе градежниот инспекторат на Општина Центар, кој е надлежен за оваа материја. Град Скопје во целата акција асистираше и даде логистичка поддршка во согласност со меѓуопштинската соработка, која претходно беше изгласана од Советот на Град Скопје – велат од Градот за „Слободен печат“.

Во акцијата на кејот на Вардар спроведена од Општина Центар со логистичка помош од Град Скопје „настрадаа“ повеќе објекти. Прв на „отстрел“ беше ресторанот за брза храна „Пласет“, кафеаните познати меѓу скопјани како „50“ и „60“, објект користен од рентакар-компанија и уште неколку други.

Бараките срушени, работниците без работа

„Слободен печат“ во петокот низ разговор со неколкумина, сега веќе невработени луѓе во гореспоменатите угостителски објекти, дозна дека сопствениците на објектите што се водат како времени и имале посебен договор со Градот, пред околу десет дена добиле известување од Град Скопје дека договорите за користење на просторот се укинати и дека сите објекти треба да бидат отстранети најдоцна до 19 декември.

Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Срушени трафики на кеј 13 Ноември – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Иако дел од угостителите очекувале да продолжат со работа барем за време на викендот, уривањето почна во петокот.

– Ние дознавме дека некои луѓе од Град Скопје пред околу десет дена разговарале со сопствениците и ги информирале дека ќе можат да работат до 19 декември, односно до денес, а потоа објектите ќе бидат урнати. Ние очекувавме да работиме и денеска, но утринава дојдоа голем број луѓе со механизација и започнаа со багерите да ги рушат сите објекти. Сѐ урнаа – се пожали еден од вработените.

Тие велат дека биле затекнати од одлуката и дека, иако газдите на објектите наводно се договориле со надлежните, тие останале без работа и без алтернативи за заработка или каков било друг приход, а како што изјавија, некои од нив ќе бидат принудени да побараат социјална помош.

Еден објект остана недопрен

Денес е целосно променет доскоро познатиот лик што го имаше шеталиштето на Вардар, објектите се срамнети со земја и шутот е исчистен, а на просторот „штрчи“ само еден, зелен објект, кој ја „преживеа“ големата петочна градежна офанзива на локалната власт, па затоа и ги прашавме надлежните зошто баш овој објект останал недопрен.

Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Срушени трафики на кеј 13 Ноември – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Од Градот ни одговорија дека зелената барака на кејот привремено ќе остане поради тоа што е предмет во судска постапка, но штом заврши постапката и добивање правосилна одлука за отстранување, како што велат од Град Скопје, таа веднаш ќе биде урната.

– Во однос на објектот што не беше урнат во петокот, станува збор за куќарка за која е во тек судска постапка. Таа ќе биде отстранета веднаш по завршување на судскиот спор и добивање правосилна одлука – брифираат од Градот.

Реновирани дрвените куќарки

Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Реновирани дрвени куќарки на кеј – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Исто така, неизбежни за окото на минувачите што шетаат во овој дел од кејот се и „преродените“ дрвени куќарки што со години беа запустени, оштетени и тотално нефункционални. Тие денес се „освежени“ со нова боја и имаат модерен изглед, а дел од нив веќе и се отворени за посетители и љубители на книги. Од Градот велат дека тие објекти не биле целта во оваа акција и ќе останат „цели“ поради тоа што во тек е нивно обновување и подготовка за, како што велат, нивно повторно пуштање во употреба.

– Куќарките што претходно служеа за продажба на книги не се предмет на оваа акција и ќе продолжат да функционираат. Тие ќе бидат модернизирани и ќе добијат унифициран изглед, со цел уредување на просторот и враќање на содржини со културна и едукативна вредност на кејот на Вардар – информираат од Град Скопје.

Срушени трафики на кеј 13 Ноември - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Реновирани дрвени куќарки на кеј – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот