Ролан Гарос: Вилијамс елиминирана, Медведев закажа дуел со Циципас
Денеска во женска конкуренција тенисерката од Казахстан, Елена Рибакина ја оствари можеби нејзината најголема победа во кариерата совладувајќи ја Серена Вилијамс во четвртото коло на грен слем турнирот „Ролан Гарос“.
Рибакина успеа за еден час и 20 минути игра со резултат 2:0 по сетови 6:3 и 7:5 да ја елиминира Американката Вилијамс.
Противник на Рибакина во четвртфиналната фаза ќе биде Анастасија Пављученкова. Русинката претходно со пресврт триумфираше над Белорусинката Викторија Азаренка со 5:7, 6:3 и 6:2.
Изненадување приреди словенечката натпреварувачка Тамара Зиданшек која славеше победа над Сорана-Михаела Кирстеа од Романија со 7:6 (4) и 6:1.
За пласман во полуфиналето Зиданшек ќе игра со Паула Бадоса Гиберт од Шпанија која со 2:1 (6:4, 3:6, 6:2) ја елиминираше Маркета Вондрушова од Чешка.
Кај мажите петтиот носител на турнирот Стефанос Циципас од Грција со 3:0 (6:3, 6:2, 7:5) беше подобар од Шпанецот Пабло Карењо-Буста.
Следен противник на Гркот, во четвртфиналето ќе биде Русинот Данил Медведев, вториот носител ја оправда фаворитската улога против Кристијан Гарин (Чиле) со 6:2, 6:1 и 7:5.