Роби Вилијамс го сруши рекордот на „Битлси“: Со најновиот албум стигна до првото место на британската листа по 16-ти пат
Роби Вилијамс испиша нова страница во историјата на британските топ-листи, откако со албумот „Britpop“ го надмина рекордот на легендарните „Битлси“ и стана солистички изведувач со најмногу албуми на првото место во Обединетото Кралство.
Препорачано
Албумот „Britpop“, објавен минатиот петок, е неговиот 16-ти „број еден“ како солистички артист, кариера што започна во 1997 година со „Life Thru A Lens“.
„Ова е неверојатно. Апсолутно неверојатно. Секогаш велев дека мојот успех е како растегнување ластик од Стоук-он-Трент до Месечината. Сега ластикот се продолжи уште повеќе и орбитира околу Венера. Се чувствувам како Форест Гамп на поп-музиката“, изјави Вилијамс за Би-би-си.
Пејачот моментално престојува во Париз со сопругата Ајда Филд, каде, како што вели, ќе го одбележат успехот „со Кока-Кола Зеро и салата“. Тоа е далеку од хедонизмот на деведесеттите, кога првиот бран на слава беше засенет од зависности и подоцнежен ментален колапс.
„Оваа недела ќе си дадам време да се потсетам колку сум среќен. Имаше период кога тоа не можев да го направам поради менталното здравје. Сега сум на место каде што градината цвета и можам да здивнам и да се насмевнам“, додава тој.
Во симболичен круг, рекордниот албум се навраќа на почетоците на неговата солистичка кариера и периодот кога речиси се изгуби себеси. Насловната фотографија е инспирирана од култната слика на Мик Хатсон од фестивалот „Гластонбери“ во 1995 година, на која Вилијамс е со изветлена коса и скршен заб, момент што на крајот доведе до негово исфрлање од музичката група „Тејк дет“.
Вилијамс го опишува „Britpop“ како „албумот што сакав да го напишам по напуштањето на ‘Тејк дет’ и прослава на златната ера на британската музика“, инспирирана од музички групи од деведесеттите година како „Оејсис“ и „Еластика“. На албумот гостува и фронтменот на „Суперграс“, Газ Кумбс, на песната „Cocky“, додека поранешниот ривал од „Тејк дет“, Гери Барлоу, се појавува на нумерата „Morrissey“, напишана од перспектива на опсесивен обожавател.
Критиките за албумот се претежно позитивни. „Гардијан“ му додели четири ѕвезди, опишувајќи го како „непредвидливо, но шармантно патување низ деведесеттите“. „Ролинг Стоун“ исто така даде четири ѕвезди, оценувајќи дека Вилијамс звучи „ослободено“ и „непокајано лудо“, испорачувајќи некои од своите најдобри песни во последните години. „Ен-ем-и“ беше повнимателен, оценувајќи дека албумот можеби нема да биде запаметен како класик, но дека е храбар и автентичен.
Вкупно, Роби Вилијамс сега има 21 албум на првото место, вклучувајќи ги и оние со „Тејк дет“. Единствено Пол Макартни има повеќе, со вкупно 23.
Сепак, пејачот вели дека семејството го држи цврсто на земја.
„Пред неколку недели ѝ реков на тештата дека ако го освојам следниот ‘број еден’, ќе имам повеќе од кој било друг.А ќерка ми Теди тивко додаде: ‘Во Обединетото Кралство’. Така што, нема премногу да се занесам“, раскажува британскиот пејач.
ВИДЕО | Роби Вилијамс изненади 94-годишна обожавателка за Божиќ: „Апсолутно сум воодушевена“


