Приштина најави мерки за косовските началници кои учествуваа на Советот за национална безбедност на Србија

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Полицискиот инспекторат на Косово (ИПК) објави дека го разгледува случајот на учеството на началниците од српска националност во Полицијата на Косово на седницата на Советот за национална безбедност на Србија, што минатиот вторник се одржа во Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Станува збор за седница на Советот за национална безбедност на Србија, свикана од српскиот претседател Александар Вучиќ, по одлуката на владата на Албин Курти да не дозволи гласање на косовските Срби во северно Косово за парламентарните и претседателските избори во Србија на 3 април годинава.

-ИПК е официјално информирана за ова прашање и во рамките на своите законски надлежности и овластувања го испитува случајот на учеството на офицерите на Полицијата на Косово на средба со претседателот на Србија, изјави за телевизијата КТВ портпаролот на ИПК Арбен Бека.

Поради учеството на споменатата седница свикана од Вучиќ, Судскиот совет на Косово вчера ја суспендира судијката Лилјана Стевановиќ, претседателка на Основниот суд во Северна Митровица, најголемата општина со мнозинско српско население во Косово.

Суспендирањето на Стевановиќ предизвика остри реакции од Белград, така што, меѓу другото, српскиот претседател Вучиќ изјави дека Курти го наложил нејзиното разрешување и дека тоа е доказ дека косовскиот премиер „се подготвува да ја нападне Србија”.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, пак, изјави дека суспензијата на Стевановиќ е „прв чекор кон влегувањето на Србија во вооружен конфликт во Косово”.

Одговарајќи на обвинувањата од Белград, косовскиот премиер синоќа изјави дека нема надлежности врз судската власт.

-Можно е Вучиќ да именува и разрешува судии во Србија, но ние во Косово ги немаме тие надлежности. Ние сме демократија. Суспендирањето на судијката е одлука на Судскиот совет на Косово, изјави Курти за КТВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот