Двајца скопјани завршиле во станица откако биле пријавени дека ги тепале своите сопруги
Полицијата извршила службени разговори со двајца осомничени за семејно насилство во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во првиот случај, на 4 март во 10:30 часот во Полициската станица Кисела Вода, полицајци од СВР Скопје разговарале со 39-годишниот А.К. од Скопје, постапувајќи по пријава дека на 3 март околу 23:30 часот во дом на подрачјето на Бит Пазар физички ја нападнал својата 22-годишна сопруга.
Во вториот случај, истиот ден во 9 часот во Полициската станица Кисела Вода бил повикан и 49-годишниот И.Б. од Скопје, по пријава дека на 1 март околу 19:30 часот во дом во скопско физички ја нападнал својата 40-годишна поранешна сопруга.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, соопштија од полицијата.
Ова се случува во период кога јавноста е вознемирена по трагедијата во која жена и нејзиното дете го загубија животот, а сопругот е осомничен за наведување на самоубиство на сопругата.
Тој се сомничи дека подолг период ја малтретирал и физички ја напаѓал жртвата. За еден таков настан од декември за „Слободен печат“ раскажа сведок. Според сведочењето, и покрај предупредувањата од присутните, мажот продолжил да ја напаѓа сопругата, по што била повикана полиција. Настанот подоцна бил евидентиран во билтенот на МВР.
Сепак, од Центарот за социјални работи Скопје информираат дека полицијата ги известила за случајот дури на 2 февруари годинава, иако инцидентот се случил на 19 декември. Оттаму не прецизираат дали биле преземени сите предвидени процедури за заштита на детето и мајката, кои вклучуваат проценка на ризик од страна на социјален работник и психолог.
Во меѓувреме, насилникот е задржан во 48-часовен притвор.


