Фотографија од првото ЕР издание на Виолета Томовска за „Дискос“ од 1964 година / Фото: Фејсбук/ВБУ Музичка архива

Виолета Томовска осум часа била затрупана под урнатините од скопскиот земјотрес, копала со раце за да се спаси

Виолета Томовска едвај останала жива за време на скопскиот земјотрес во 1963. Фолк дивата осум часа била затрупана во урнатините заедно со својот братучед, познатиот музичар диригент и композитор Љупчо Мирковски.

Мирковски се присети на драматичните моменти што ги преживеал за време на катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, кога како петгодишно дете останал затрупан под урнатините заедно со својата братучетка, легендарната фолк-пејачка Виолета Томовска.

Во интервју за „Викимедиа“, Мирковски раскажува дека токму нејзината храброст и упорност им го спасиле животот.

„Осум часа со Виолета бевме затрупани под урнатините, и благодарение на неа сме живи. Често се сеќаваме на тие моменти кои засекогаш ни ги променија животите. Жив сум благодарение на неа и на нејзината храброст и упорност да нè извлече од урнатините“, вели Мирковски за „Викимедиа“.

Тој се присетува дека во моментот на земјотресот имал само пет години, додека Виолета Томовска имала 18 години. Таа, по потекло од Битола, тогаш учела средно училиште во Скопје, а вечерта пред земјотресот дошла на гости кај нивното семејство.

„Живеевме во зграда спроти стариот театар, кај Дрвениот мост. Виолета ми беше и ми остана како сестра. Толку многу ја сакав што инсистирав таа вечер да спијам во нејзиниот кревет. Кога се случи земјотресот, бев покрај неа. Нашата зграда се урна, имаше многу жртви, а многумина останаа затрупани под урнатините“, раскажува тој.

Мирковски открива дека речиси осум часа останале заробени под урнатините, а токму Томовска не се предала.

„Виолета со голи раце почна да копа по урнатините. Сакавме да стигнеме до светлина и да повикаме помош. Благодарение на нејзината упорност успеавме, луѓето ги слушнаа нашите повици, направија отвор и нè извлекоа. Немавме тешки повреди, а нашите најблиски беа пресреќни што нè видоа живи“, вели Мирковски.

Тој додава дека, иако тие преживеале, неговото семејство претрпело огромна трагедија. Во земјотресот животот го загубиле неговата вујна, како и вујко му, оперскиот пејач Благој Петров Караѓуле.


Минатата година семејството се собра да го прослави 80. роденден на Виолета Томовска.

Како изненадување за 80. роденден на Виолета, семејството на легендарната пејачка сними нова верзија на песната „Молитва“, која ја пеат и свират сите музичари од нејзиното пошироко семејство.

Нејзината ќерка Невенка Росоманова, раскажа дека ја снимиле песната за три часа, а сите роднини кои живеат во Белград, Загреб и Чикаго веднаш прифатиле да учествуваат и им испратиле снимки. Во песната учествуваат легендарниот Славе Димитров, неговите синови Дарко и Оливер, Олгица Христовска, Маја Саздановска и други.

ВИДЕО | Дац и Александар со македонската музичка легенда Виолета Томовска го снимија најслушаниот хит за празниците: „Заиграј со мене“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот