Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска

Стојанче Јовановски ја тепал Ивана пред детето во паркот во Ѓорче во декември – полицијата и ЦСР Скопје преспаа 45-дневна можност да спасат две души

Стојанче Јовановски, осомничен за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Јовановска, која заедно со ќерката скокна од балкон на зграда во скопско Тафталиџе, во декември ја тепал мајката пред очите на детето, за „Слободен печат“ тврди Ивана Белчева, девојка која го пријавила настанот во полиција. Белчева толку се вознемирила што самата го гушнала шестгодишното дете за да го заштити.

– За жал, бев сведок на физичко семејно насилство пред очите на детето. Ситуацијата се случи во Ѓорче Петров, во паркот. Јас бев една од сведоците што пријави – се потсетува Белчева за настанот кој го пријавила во полиција во декември 2025 година.

Таа додава дека, иако го предупредувале да престане со тепањето, насилникот продолжил со изживувањето.

– Иако предупредивме да се смири пред детето, мажот уште еднаш ја нападна жена му, по што повикавме полиција. Тие си заминаа, јас останав да дадам исказ. Не ги познавав, слушнав само дека девојката се вика како мене, а од соседниот локал го препознаа момчето дека работело во „Пожарната“ во Ѓорче. Јас веднаш по настанот се јавив кај мој пријател во интервентната полиција. Ми беше многу страв за детето. Ги најдоа до вечерта и утредента настанот беше евидентиран во билтенот на МВР, така ги препознав иницијалите – вели Белчева за „Слободен печат“.

За тепањето среде бел ден во паркот во Ѓорче Петров, пред сведоци, на полицијата ѝ требале 45 дена за да го информира Центарот за социјални работи (ЦСР) Скопје за „прекршок против јавниот ред и мир“, како што извести ЦСР. Оттаму не кажуваат дали и тие ја испочитувале стандардната процедура за да го заштитат детето за кое имале сознанија дека е сведок на малтретирање на сопствената мајка. Процедурите налагаат да се изврши проценка на ризик, односно социјален работник и психолог ја испитуваат жртвата на претрпеното насилство, по што се должни да го проценат ризикот и за детето и за мајката.

Според ЦСР, МВР го пријавило насилството кај нив на 2 февруари годинава, иако тепањето се случило на 19 декември лани.

Неофицијалните информации на „Слободен печат“ се дека тепањето, забележано на видеоснимката што полицијата ја обезбеди истиот ден кога згаснаа двата животи, се случило во непосредна близина на некој скопски суд, но уште немаме потврда од МВР за оваа информација.

На Стојанче Јовановски му е одреден 48-часовен притвор.

ВИДЕО | Сведоштво: Пред мои очи Стојанче Јовановски ја тепаше Ивана, а извиците на детето не можам да ги заборавам

ВИДЕО | Сведоштво на сосетка на настраданите мајка и дете: „Насилството траеше со месеци, не беше од вчера – јас одев во полиција“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот