Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, фото принтскрин
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, фото принтскрин

ВИДЕО | Полицијата прво направи записник дека Ивана не е жртва на насилство, па истиот ден кога нејзиниот живот згасна, најде снимка како сопругот ја тепа

Два часа пред падот од терасата на мајка со дете во скопски Карпош, полицијата излегла на терен поради пријава за расправија меѓу сопружниците. Но, полицајците не го привеле насилникот, туку на службена белешка констатирале изјава од сега починатата Ивана „дека нема физички контакт меѓу неа и сопругот, дека се работело за недоразбирање кое го решиле по мирен пат и дека не бара полициска интервенција и поведување полициска постапка зашто работите ќе ги реши со развод“, рече денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Потоа жената заминала кон станот во Карпош, каде се случи трагичниот исход. Според Тошковски, измените на Кривичниот законик со кои семејното насилство се гони по службена должност без согласност на жртвата за гонење – се однесуваат само во случаи во кои има телесни повреди или други докази, што за Ивана полицијата ги немала во моментот кога разговарала со неа.

Подоцна, истиот ден, кога нејзиниот живот и животот на нејзината ќерка згаснаа, полицајците нашле снимка на која се гледа сопругот Стојанче Јовановски како ја удира Ивана. Јовановски потоа е приведен за кривичните дела „наведување на сторување самоубиство“, „нанесување телесни повреди при семејно насилство“ и „загрозување на сигурноста“.

– По усна наредба од јавен обвинител, лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода поради сомневање за сторено кривично дело. Тој е во станица, со него се работи и ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка, информираше министерот.

Изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави против Стојанче Јовановски за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Во декември 2025 бил уапсен за трговија со дрога бидејќи му биле најдени 20 паковки марихуана и метамфетамин, по што МВР доставило кривична пријава до јавен обвинител.

– Јавниот обвинител побарал мерки на претпазливост а судот ги изрекол, по што лицето било должно да се јавува во одредени интервали во судот, рече Тошковски.

Во 2025 и 2026 евидентирани се повеќе пријави за нарушени човечки односи и напади меѓу сопружниците.

– По секоја пријава полицијата постапувала, преземала мерки и тие се документирани. Пријавите биле повлекувани од оштетената и таа се откажувала од водење понатамошни постапки. Свесен сум дека јавноста очекува одговори и сите детали ќе ги испитаме внатре во МВР. Ќе направиме целосна анализа на постапувањето, комуникацијата меѓу институциите и сите преземени мерки, рече министерот.

Според министерот, треба да се промени кодот на однесување на полициските службеници, вработените во центарот за социјални работи и на секој граѓанин. Тој ги повикува сите што ќе посведочат семејно насилство да го пријават во МВР зашто во последно време се давал голем интензитет на овие постапки.

– Ќе формираме посебно одделение што ќе се занимава само со семејно насилство за да има воедначен професионален однос на постапувањето. Досега такво тело на национално ниво немавме. Имав 2 години да формирам такво одделение но не го сторив тоа, не бегам од тоа. Овој механизам ќе го формираме во иднина за да одговориме на криминалитетот. Ќе има и други мерки, рече Тошковски.

Најновите измени на Кривичниот законик предвидуваат дека ако има видливи телесни повреди, жртвата нема да има опција да се повлече од кривично гонење. Ама во случајот на Ивана, полицијата немала такво сознание во моментот кога дошле да разговараат со неа.

– Имаме повратно од неа дека немало физички контакт, немало насилство, не велам дека полицијата е совршена но ќе испитаме се и ќе утврдиме се што е од значење за постапувањето. Не се констатирани видливи телесни повреди на жртвата, но не се само тие докази, во МВР има видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата и тој видео запис е од истиот ден, рече Тошковски.

Тошковски рече дека мајката и детето пред да паднат од балкон биле заклучени во станот од внатрешната страна и во станот немало никој друг.

Запрашан како во МВР напредуваат полицајци што напаѓаат жени и лица со посебни потреби, министерот рече дека има уште за работа, ама работите се подобруваат.

– Не сме на ниво на перфекција, треба уште многу да работиме. Но се подобруваме во постапувањето. Ги немаме резултатите што ги сакаме и ќе треба уште многу да работиме, рече тој.

Во 2024 МВР доставило 213 кривични пријави за семејно насилство, во 2025 имало 224 а во 2026 имало 28 кривични пријави. Во 2024, од 213 пријави, вкупно 21 биле спроведени по брза постапка и бил назначен еден притвор. Во 2025 од 224 поднесени кривични пријави 54 биле спроведени по брза постапка со 17 притвори. Во 2026 од 28 имало 5 притвори и 12 кривични пријави по брза постапка.

-Факт е дека се дава фокус на овој тип предмети по стапувањето на сила на измените на законот но факт е дека секој од нас мора да даде свој придонес во рамки на спречување вакви кривични дела во иднина, рече Тошковски.

 

ВИДЕО | Сведоштво на сосетка на настраданите мајка и дете: „Насилството траеше со месеци, не беше од вчера – јас одев во полиција“

Мајката поднела тужба да се разведе од насилникот, а во ЦСР Скопје пред еден месец е пријавено дека сопругот ја тепал

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот