Фото: „Слободен печат“

Три постапки за развод и две пресуди за насилство – каква судска историја имал сопругот насилник?

Три бракоразводни постапки воделе сопружниците Стојанче Јовановски и Ивана, која со години била жртва на семејно насилство, а животот го заврши со пад од балкон со својата ќерка во раце, покажуваат податоците кои „Слободен печат“ ги доби од Граѓанскиот суд. Во првата постапка разводот го иницирала Ивана, но ја повлекла тужбата, а другите две постапки не биле затворени, а последно развод барал сопругот насилник.

– Во предметот XXIX П2-996/25, со основ развод на брак, наведеното лице евидира како тужен и по наведениот предмет донесена е одлука со која се констатира повлекување на тужбата. Во предметот I П2-1486/25, со основ спогодбен развод на брак, наведеното лице е еден од предлагачите и постапката е сè уште во тек. Во предметот XIII П2-233/26, со основ развод на брак, наведеното лице е тужител и постапката е сè уште во тек – ни одговорија од Граѓанскиот суд.

Освен бракоразводните постапки, сопругот насилник водел и два предмети во кои тужел и барал надомест на штета.

За Јовановски за кого министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека имало 10 кривични пријави, има две правосилни пресуди за кривични дела и двете се за насилство.

Стојанче Јовановски ја тепал Ивана пред детето во паркот во Ѓорче во декември – полицијата и ЦСР Скопје преспаа 45-дневна можност да спасат две души

Првата пресуда е за напад врз полицаец, за што бил осуден со парична казна од 150 евра, додека пак за насилство на спортски терени бил условно казнет.

– Лицето има две правосилни пресуди и тоа К.530/25 за кривично дело од чл. 383 ст.1 односно Напад врз службено лице при вршење работи на безбедност со која е осуден на парична казна од 150 евра, која пресуда е потврдена од Апелациониот суд Скопје. Како и пресуда со К.1156/23 за кривично дело од чл. 386 ст.3 односно Насилство, со која му е изречена Условна осуда со заштитен надзор од 1 година и 6 месеци затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело, која пресуда исто така е потврдена од Апелациониот суд Скопје – велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.

Инаку два часа пред убиството, Ивана самата пријавила во полиција дека нејзиниот сопруг ја натепал, напад што е снимен од безбедносните камери и што полицијата го видела по трагедијата.

Сопругот и татко насилник, според информациите на „Слободен печат“ ја тепал Ивана позади Кривичниот суд, но нема потврда од институциите кои камери го снимиле тепањето, дали тие на Кривичниот суд или камерите на катната гаража зад Судот. Според нашите информации, насилникот дента пред трагедијата бил кратко во Кривичниот суд, за што нема официјална потврда.

По пријавата, кога дошла полицијата, Ивана сепак се откажала и им рекла на полицајците дека немала физички контакт со сопругот, за по два часа да се заклучи во стан во Тафталиџе и да го оконча и својот и животот на својата ќерка Катја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот